„Амнести интернешнл“: Фармацевтските компании трагично потфрлија во одговорот на пандемијата

Фармацевтските компании „трагично потфрлија“ во одговорот на предизвикот од глобалната здравствена криза предизвикана од коронавирусот и покрај итните повици да се обезбеди еднаква дистрибуција на вакцини против вирусот, соопшти денеска организацијата „Амнести интернешнл“.

Според „Амнести“, компаниите кои продаваат вакцини против коронавирусот ја монополизирале технологијата, лобирале против споделувањето на интелектуалната сопственост, наплатувале високи цени на вакцините и им дале приоритет на богатите земји за набавките во 2021 година.

Десет милијарди дози вакцини произведени минатата година би биле повеќе од доволни за да се исполни целта за вакцинација од 40 отсто на глобалното население, поставена од Светската здравствена организација (СЗО) до крајот на минатата година.

Само четири отсто од оние што живеат во земји со ниски приходи биле целосно вакцинирани до крајот на 2021 година.

„Повеќе од 1.2 милијарди луѓе во земјите со ниски би можеа да бидат вакцинирани до крајот на 2021 година, доколку богатите земји и производителите на вакцини сериозно ги сфатеа своите обврски и одговорности за човековите права“, рече Рајат Косла од „Амнести интернешнл“, задолжен за истражување, лобирање и политики.

Претходно овој месец, СЗО објави дека се потребни уште 16 милијарди долари за да им се помогне на сиромашните земји во борбата против пандемијата. Тоа е износот што недостасува во планираните средства за снабдување на тие земји со вакцини, тестови и лекови преку програмата што ја започнаа Обединетите нации, наведе СЗО.