Американската комедија „Ти бркаш“ и француската драма „120 удари во минута“ во кино „Милениум“

Долгоочекувана американска комедија „Ти бркаш“ и францускиот филм „120 удари во минута“ кој освои гран-при на престижниот Кански фестивал, од утре (четврток, 28 јуни) ќе почнат да се прикажуваат во кино „Милениум“ во Скопје. Покрај овие две освежувања на репертоарот, публиката ќе може да ги погледне и анимираните филмови „Неверојатните 2“ и „Принцовата страна на приказната“ како и блокбастерите „Светот Јура: Паднато кралство“ и „Осумте на Оушн“.

Американската комедија „Ти бркаш“ ќе се прикажува во 20 часот, а главните улоги во ова остварување ги толкуваат: Ед Хелмс, Џон Хем, Џејк Џонсон, Исла Фишер, Ханибал Бурс, Џереми Рајнер и други. Станува збор за група на поранешни соученици кои секоја година се собираат за да ја играат детската игра „ти бркаш“ (Tag) поради која понекогаш се принудени да патуваат низ целата земја.

Француската драма „120 удари во минута“ на режисерот Робин Кампиљо е на репертоарот секој работен ден во 15 часот. Познат е како филмот кој го расплака Педро Алмодовар на проекцијата на Канскиот фестивал. Се работи за чувствителна историска драма заснована на личните искуства на сценаристот и режисерот со група активисти од ACT UP во деведесетите години во Париз. Посветен е на ХИВ позитивните луѓе и нивните пријатели кои водеа мирни протести против фармацевстката индустрија и политичарите. Приказната го следи Нејтан, кој во текот на 90-тите години од минатиот век се придружува на група париски активисти кои се бават со превенција од ХИВ вирусот.

Анимираниот филм „Неверојатните 2“ ќе продолжи да се прикажува во 13 часот додека во сабота и недела во 11 ќе игра и „Принцовата страна на приказната“. Блокбастерот „Светот Јура: Паднато кралство“ е на репертоарот во 17.30, а „Осумте на Оушн“ може да го погледнете во 22 часот.

Билетите за сите проекции во кино „Милениум“ чинат 150 денари.