Активистки од Балканот со заедничка реакција за онлајн родово-заснованото насилство

Активистките за човекови права од балканскиот регион испратија заедничка реакција за солидарност до сите жени жртви на онлајн родово заснованото насилство, барајќи надлежните институции да постапат и да ги истражат случаите со групите на платформата „Телеграм“, како Balkan room, Јавна Соба, Гевгелија Хаб, Српска соба, Смоква и да ги санкционираат сторителите и заштитат жртвите од понатамошна виктимизација.

„Точно една година по појавата на ваква група на мрежата Телеграм во Македонија, која се користи за сексуално вознемирување на девојки преку објави на нивни фотографии без никаква согласност, во порнографски контекст, како и лични податоци за жртвите, сведочиме и на нови случаи на ваква злоупотреба не само во државата, туку во целиот регион“, се вели во реакцијата.

Оттаму нагласуваат дека институционалниот молк праќа порака дека насилството врз жените се толерира, додека жртвите остануваат  заплашени, засрамени и неми.

„Случаите во Македонија, Србија и Хрватска покажаа дека против мал број од сторителите се иницираат кривични постапки и дека оние малку сторители кои се гонат, се гонат само за кривичното дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“, со што е оневозможена заштитата на полнолетните жртви“, се истакнува во реакцијата.

Активистките потенцираат дека искуствата на жените од државите од поранешна Југославија на кои со години им обезбедуваат бесплатна правна помош и други услуги, сведочат за бројни пропусти во водењето на постапките.  Тие велат дека во најголем број од случаите,  жените кои имаат претрпено сексуална злоупотреба онлајн, се соочуваат со несоодветен одговор од страна на институциите, како што е практиката на непостапување, неверување и релативизирање на искуства на жртвите, поради што жртвите не ѝ веруваат на полицијата и сметаат дека пријавувањето е залудно.

„Изрекување на прекршочни санкции и опомени за насилниците, наместо документирани и аргументирани кривични пријави, како и несоодветно спроведување на забраните за приближување и контактирање на жртвите резултира со континуирано, засилено насилството, често со сериозни последици по здравјето на жртвите, а во одреден број на случаи дури и смрт“, истакнуваат активистките.

Ненавременото покренување на обвинителни акти, неефикасното раководење со предистражни и истражни постапки што резултира со ненавремено или воопшто необезбедување на релевантни докази, како и непреземање на мерки кон сторителот за да се спречи продолжување на насилството кон жртвите, се дел од пропустите кои активистките велат дека се евидентно забележливи кај надлежните.

„Сите овие институционални пропусти станаа уште повидливи со појавата на сексуално насилство и вознемирување на жени во дигиталната сфера, кое иако се случува масовно и брои илјадници жени жртви на Балканот, не добива соодветен институционален одговор, ниту пак соодветна јавна поддршка. Напротив, дискредитирање на искуствата, обвинување, засрамување и двојна виктимизација се доминантните наративи со кои жените се соочуваат“, велат тие.

Украдените фотографии, во комбинација со мизогини, сексистички и насилнички коментари и третирање на жените како предмети без интегритет, чувства, желби и трауми, зборуваат за сериозни, длабоко вкоренети мизогини вредности во нашиот регион, кои мора сеопфатно и коренито и да се решаваат, се вели во реакцијата.

„Ова не е проблем на злоупотреба на лични податоци, па затоа и не може да се решава преку таков ограничен пристап. Ова е проблем на родово засновано насилство, со цел понижување, уценување, замолчување и опресија на девојки и жени и доколку не се третира како таков, насилниците ќе успеат во својата цел“, велат активистките.

Тие посочуваат на регионалното вмрежување на вознемирувачи и насилници, односно отворање и администрирање на балкански групи чија цел е омаловажување и сексуално вознемирување на жени.

„Бараме од Јавните обвинителства во регионот неодложно и темелно да ги расчистат случаите со групите на Телеграм кои претставуваат кривично дело. Бараме од Министерствата за внатрешни работи континуирано да преземаат превентивни активности и да го спречуваат опстојувањето на ваквите групи. Не смееме да дозволиме одржување на состојба во која жртвите се множат, а институциите молчат и потфрлуваат во извршувањето на својата функција“, се вели во реакцијата.