Истражување: над 50% од испитани студенти не можат да го препознаат сексуалното вознемирување

Сексуалното вознемирување во академски контекст најчесто се јавува во форма на коментари со сексуална содржина од страна на професор, колега или друг персонал, но и во форма на шеги и коментари кои се однесуваат на сексуалните односи, сексуалната ориентација или други сексуални карактеристики, а најчесто се случува во канцелариите или предавалните.

Овие наоди се дел од истражувањето „Сексуално (полово) вознемирување на универзитетите во Република Северна Македонија“, кое беше презентирано на Правен факултет, Универзитет “Св. Климент Охридски” – Битола, кое се занимава со карактеристиките на сексуалното вознемирување на универзитетите на подрачјето на територијата на Република Северна Македонија.

Истражувањето е изработено од страна на универзитетските професори Ангелина Станојоска,  Илијевски и Ивона Шушак Лозановска.

Истовремено, над 50% од испитаниците не можат да го препознаат сексуалното вознемирување, што го зголемува ризикот од виктимизација. Најголемиот дел од универзитетите во РСМ, меѓу нив и УКЛО, немаат Правилник за спречување и заштита од сексуално вознемирување на универзитет.

„Од примерокот кој беше вклучен во анкетното истражување, од 211 испитаници кои одговориле на прашањето ‘Дали досега сте биле жртва на сексуално вознемирување на Универзитетот?’, само 9 испитаници одговориле потврдно и сите се лица од женски пол“, се вели во наодите на истражувањето.

Авторите посочуваат дека истражувањето опфаќа 330 испитаници од резултати од девет универзитети во земјава, како и дека процесите за собирање на податоците се одвивале во два циклуси, односно од средината на јуни, 2021 година до почетокот на септември 2021 година, па од крајот на септември, 2021 година до крајот на декември, 2021 година.

„Мораме да заклучиме дека истражувањето не е репрезентативно, заклучоците не можат да се генерализираат, но е важен чекор во истражување и анализа на сексуалното вознемирување во академската средина“, велат авторите.

Ова е прв пат универзитетски професори да изработат истражување на оваа тема во земјава.

„Во Република Северна Македонија досега (по наше знаење) не постојат претходни истражувања фокусирани на сексуалното вознемирување на универзитетите, но постојат истражувања кои се однесуваат на овој феномен во други општествени сфери и на други места“, посочуваат авторите.

Тие дополнуваат дека според наодите, студентите ретко пријавуваат сексуално насилство, а како причини најчесто се јавуваат страв од негативни последици, како и отсуство на транспарентни и ефикасни механизми на заштита.

„Потребно е градење на доверба и охрабрување на студентите да пријавуваат случаи на сексуално вознемирување. Со кампањи и едукација на студентите може да се подигне свеста за проблемите со сексуалното вознемирување и да се избегнат какви било околности што предизвикуваат сексуално вознемирување“, се вели во истражувањето.

По промоцијата на истражувањето се одржа и панел дискусија во која учествуваа универзитетски професори, невладини организации, претседатели и членови на универзитетски и факултетски студентски собранија, како и други студенти.