„Аксиос Еко-Арт Фестивал“ е настан кој треба да ги инспирира следните генерации кои ќе се фокусираат на уметноста, екологијата и здравјето, како суштински елементи на животот. Локацијата за овој фестивал е кампот Мрдаја во Дојран, а ќе се одржува во периодот од 22 до 24 август. Влезот, информираат организаторите, е слободна донација по проценка на посетителите.
Организаторите преку обемната програма имаат цел да привлечат што е можно повеќе посетители на кои ќе им биде пренесена фестивалската порака „бидете дел од креирањето на заедничката визија инспирирана од потребата за културно-уметничко воздигнување и развој на еколошката свест“.
Овој фестивал е кулминација на дела од над 60 уметници од различни култури кои преку својата уметничка форма, забава и ангажирање во активности ќе ја промовираат уметноста и едукацијата за заштита на животната средина. Програмата се состои од концерти на преку 10 домашни и странски музичари и бендови и два подиума на кои ќе настапуваат четириесетина диџеи. Се најавуваат и сценски и театарски изведби, видео проекции и мини кино, предавања и уметнички работилници предводени од професионалци.
„Уметноста во сите свои облици, спојувајќи ја со различните иновативни еколошки идеи, треба во пракса да ја едуцирааат нашата заедница да се грижи за нашата сопствена природа“, порачуваат организаторите.