Акција за чистење на езерото Козјак во недела

Министерството за животна средина и просторно планирање, здружението „Гоу Грин“ и фондацијата „ЦНВП Македонија” организираат акција за чистење на езерото Козјак, во недела на 22 април, по повод одбележувањето на Денот на планетата Земја.

Од министерството ги покануваат граѓаните да се приклучат.

„За успешно спроведување на Акцијата ќе се формираат два централни пункта во с.Здуње и с.Близанско од каде што ќе стартуваат тимовите со чамци и потребна опрема за чистење на Езерото, додека членовите на граѓанските здруженија, граѓаните и посетителите ќе го чистат крајбрежието.  Во акцијата се приклучува и Асоцијацијата на колективни управувачи со отпад, спортисти (кајакари, нуркачи, планинари), државни институции, општина Македонски Брод со комуналното претпријатие, ЈП „Јасен“, како и претставници на дипломатскиот кор во Македонија“, информираат од министерството.

Акцијата ќе започне во 11:00 часот, а ќе заврши во 15:00 часот.

„Нашата цел е да се намали  отпадот кој се наоѓа на несоодветни места во околината, да развие свест кај граѓаните за правилно управување со отпадот и да развијат механизми за поддршка на граѓаните, општините и другите засегнати групи за подобро да се справат со неорганизираното и незаконско фрлање отпад во нивните заедници“, велат од министерството.

Акцијата е дел од Националната акција за чистење на отпадот на целата територија на Република Македонија чија втора фаза ќе се спроведе во месец септември. Со овие активности традиционално се  вклучиме во глобалната акција – Let’s do it! World Cleanup 2018.  Акцијата е официјално поддржана од Европскиот Парламент и во неа учествуваат над стотина земји во светот.

Од министерството напоменуваат дека за пристап до посочените локации постои посебен возен режим. Регуларниот возен режим е од 6:30 -9:00 во правец кон локациите и од 16:00-18:30 кон Скопје.