Аеродромци протестираат против нов ДУП, додека за него се гласа на вонредна седница

Граѓани на Аеродром се собраа пред Општината во знак на протест, додека трае седница на која може да биде изгласан нов Детален урбанистички план. Доколку ДУП-от, кој еднаш беше повлечен поради волјата на граѓаните, биде изгласан, зелените површини кај Мајчин дом ќе бидат претворени во висококатници.

„Во овој момент Советот на Општина Аеродром сака да го донесе ДУП И10, кој во последен момент го стави на расправа на седницата. Нашите советници во моментов се спротивставуваат на ова насилство.
Ве молам споделете ја оваа информација. Овој ДУП е оној со којшто ќе се предизвика еколошка катастрофа во Аеродром. Се предвидува уништување на зелени површини кај Мајчин Дом и покрај Вардар.
За овој ДУП имаше голем граѓански отпор преку акцијата Аеродром сака да дише. Апелирам граѓаните и медиумите да го следат ова самоволие на Коневски, бидејќи ова не смееме да дозволиме да се случи.
Најавувам силен отпор на ваквата одлука и борба до крај“, објави на својот Фејсбук профил советникот на Општина Аеродром, Златко Марин.

Веднаш потоа, активистите од здружението „Сакаме Аеродром да дише“, повикаа на протест пред општинската зграда, каде веќе се собрани неколкумина граѓани, за да „кажат не на малициозности и криминално донесување на новиот ДУП на вонредна седница“.

„Градоначалникот на Општина Аеродром Ивица Коневски наместо да се соочи со насобраните граѓани – се обиде да избега, откако денеска како вонредна точка на дневен ред на седницата на Советот на Општината ја вметнал точката за измени на спорниот урбанистички план И10 за Острово. Коневски ние граѓаните ќе останеме пред општината а вие ќе мора да дадете одговор чии бизнис интереси штитите!
НЕМА ДА ВИ ПОМИНЕ!!!“, порачаа жителите на скопската општина.