АДКОМ: Измените на Законот за облигациони односи сериозно ги пoткопува темелите на правната држава

Предложените измени и дополнување на Законот за облигациони односи, мора да претрпат измени, бидејќи ќе имаат несогледливо штетни последици за нормалното функционирање на Јавните комунални претпријатија, реагираат од АДКОМ-Здружение на даватели на комунални услуги.

Од таму посочуваат дека испратиле допис до претседателот на Собранието, Талат Џафери во кој укажува дека една правна држава која го негува начелото на владеење на правото не смее да дозволи  донесување на било каков правен акт кој има ретроактивно дејствие, освен ако не е со Уставот поинаку утврдено.

Со донесувањето на овој предлог, велат тие, ќе има правна несигурност на функционирањето на правниот систем, а со тоа сериозно се поткопуваат темелите правната држава.

„Ваквите измени ќе значат прекршување на начелото на еднаквост на граѓаните пред законот, едни ќе бидат повластени наспроти други кои веќе го платиле долгот согласно прописите кои важеле во моментот. АДКОМ е апсолутно против предложените измени на Законот за облигациони односи и ги поддржува ставовите и аргументацијата против овие измени кои ги даваат и останатите доверители и истакнува дека ако предлог Законот има ретроактивно дејствие, во тој случај голем дел од предметите на јавните претпријатија ќе останат ненаплатени и неизвршени имајќи во предвид дека до сега Законот предвидува застареност по правосилноста на одлуките од 10 години“, стои во реакцијата на АДКОМ.

Според нив, јавните комунални претпријатија со вакви измени во Законот ќе се стават во подредена положба за сметка на должниците, а тоа се нивните корисници кои и така ги сервисираат со услуги по цени кои се нерантабилни.

„Иритира причината која ја наведуваат предлагачите на измените на  законот дека доверителите намерно и со цел чекаат 9 години и 11 месеци да ја започнат постапката за извршување за да се  акумулира поголема камата. Ова е апсолутно неточно. Образложенијата кои предлагачите ги дале се неточни и неаргументирани и воопшто не можат да се прифатат како такви за причина за ваква измена на законот за облигациони односи“, забележуваат од АДКОМ.

Доведувањето во негативната финасиска состојба на јавните претријатија, велат тие, ќе резултира со покачување на цената на услугите а тоа сето пак ќе удри по џебот на граѓаните.

„Апелираме до предлагачите на Законот и до сите пратеници да размислат и да не носат вакви измени кои се косат со начелата на правна држава и ќе влијаат негативно на материјалната сигурност на давателите на јавни комунални услуги и на квалитетот на услугите“, стои во реакцијата.