Адам Загајевски од Полска добитник на „Златниот венец“ на Струшки вечери на поезијата

Адам Загајевски од Полска е годинашен добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. Високото признание на 73-годишниот поет ќе му биде врачено на 57-то издание на поетскиот фестивал кој се одржува во август.

Роден е во 1945 во Лавов (тогаш во Полска, денес во Украина). Автор е на 13 поетски книги, но е и есеист, прозен писател и професор по филозофија. Во 1970-тите бил поврзан со независното книжевно движење, а во 1982 се преселил во Париз. Во 2002 Загајевски се вратил во Полска и сега живее во Краков.

Претседателката на Управниот одбор на СВП Елизабета Шелева рече дека Загајевски е едногласно избран за годинашен лауреат, дека е еден од водечките гласови во современата светска литература и автор кој ужива неподелен углед меѓу најрелевантните имиња во современата поезија и критика, поттикнувач, како што рече, на зголемен интерес кон творештвото на источноевропските и словенски писатели.

Тој се смета за дел од полската генерација „68“ или полскиот „Нов бран“ во литеаратурата.

Осврнувајќи се на биографијата на полскиот поет, директорот на СВП Мите Стефоски рече дека Загајевски првпат стекнал слава во источноевропските книжевни кругови со неговите критики кон полските поети од претходната генерација.

Во писмото по повод неговиот избор за лауреат на СВП, Загајевски вели дека никогаш не бил на струшкиот фестивал но дека не треба да се биде физички присутен таму за да се знае, како што вели, легендата за тој фестивал и за таа награда.

„Поетите се комплицирани луѓе, но не е точно дека исто така немаат сосема обични, човечки емоции. Затоа нема да кријам: оваа награда претставува огромна чест за мене, ми носи радост, се радувам дека ете и јас од овој миг ќе фигурирам помеѓу поетите многумина веќе преминале на оној свет на кои им се воодушевувам, на кои не им сум достоен. За среќа, никој сам не си доделува награди и мораме да им веруваме на тие кои пишуваат до нас добри зборови. Му благодарам на жирито, им благодарам на поетите на Македонија“, пишува Загајевски.