93 мртви во терористички напад на концертна сала во близина на Москва, уапсени се четворица луѓе

Најмалку 93 лица загинаа и повеќе од 140 се повредени откако вооружени лица вчера пукаа за време на концерт во салата „Крокус“, во предградие на Москва, пишува „Би-Би-Си“.

Шефот на руската безбедност изјави дека до сега се уапсени 11 лица, од кои четири се директно вклучени во нападот.

Во изјавата на Рускиот истражен комитет стои дека бројот на загинати може да се зголеми. Оттаму велат дека итните служби работат на расчистување на урантините, запленување докази и прегледување снимките од видео надзорот.

Познато е дека напаѓачите употребиле запалива течност за да се запалат делови од салата, меѓу кои и кровот.

Причините за смртта на жртвите се прострелни рани и труење со производи од согорување.

Од Соединетите Американски Држави велат дека е веродостојно зад нападот да стои огранок на групата Исламска Држава, откако групата ја презеде одговорноста за нападот.

Украина, моментално во војна со Русија негираше било каква вмешаност во нападот. Од Белата куќа пак соопштија дека претходно месецот ги предупредиле руските власти за потенцијален напад на „големи собири“. По ова, во претходните 48 часа САД ги предупреди своите државјани во Москва да избегнуваат места каде има „големи собири“ во случај на напад.

Од Русија засега нема коментар на ова.

Кремљ вели дека Путин бил информиран за нападот, но се’ уште не се обрати јавно. Извори оттаму велат дека им посакал брзо заздравување на повредените.

Безбедноста низ Русија е зајакната, настаните се откажуваат и националната гарда ги бара напаѓачите низ државата.