600 училишта офлајн, другите онлајн – започна новата учебна година

Во 600 училишта со физичко присуство, некаде под отворено небо, a за останатите преку онлајн платформата и со емитување на часови на македонски и на албански јазик на македонската телевизија официјално започна новата учебна година во Северна Македонија.

Еден месец подоцна од вообичаеното денеска почнува наставата за околу 270.000 основци и средношколци, меѓу кои 19.000 првачиња. Помал дел од нив наставата ќе ја следат во училишните клупи, а за останатите наставата ќе се одвива на далечина поради пандемијата со Ковид-19.

Од првиот училишен ден во ОУ „Јан Амос Коменски“ – Скопје

Од Министерството за образование и наука (МОН) информираа дека утрово нема посериозни пречки за одржување на онлајн наставата, додавајќи дека институцијата е во постојана комуникација со тимот од ФИНКИ и Бирото за развој на образованието кои работат на платформата за учење на далечина.

„Министерството за образование и наука информира дека за успешно одржување на онлајн настава најважен е делот од платформата којашто е базирана на Мајкрософт тимс. Последните тестови што се одвиваа во текот на вчерашниот ден, без проблеми се најавија и се приклучија на Мајкрософт тимс сите ученици коишто ги имаат добиено лозинките во текот на минатата недела. Исто така, во моментот ФИНКИ работи на оптимизација на останатиот дел од платформата“, соопштија од МОН.

За училиштата кои ќе работат со физичко присуство, од Министерството уште еднаш апелираа до директорите, наставниците, родителите и учениците да се придржуваат на строгите мерки за заштита од Ковид 19, бидејќи тие се клучни за спречување на ширење на заразата.

„Сите сме свесни дека оваа година ќе биде многу поразлична од другите бидејќи, пандемијата предзвика огромни промени во нашите животи, а образовниот процес за многу кратко време мораше да претрпи целосна трансформација. Исто така, Министерството за образование и наука се заблагодарува до сите што помогнаа во организацијата за успешен старт и очекуваме силната и посветена соработка да продолжи и во периодот што следи“, велат од МОН.