30 ноември ќе биде неработен ден за администрацијата во Скопје поради Министерскиот состанок на ОБСЕ

Четврток (30 ноември) се определува за неработен ден за сите вработени во државната и јавната администрација на подрачјето на Град Скопје, поради министерскиот состанок на Организација за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) кој ќе се одржи на 30 ноември и 1 декември во Скопје, одлучи Владата.

Овие заклучоци се однесуваат и на основните и средните училишта на подрачјето на град Скопје, а не се однесуваат на детските градинки и здравствените установи кои е потребно да изработат сопствени планови за работењето, со цел непречено функционирање.

Во среда пак, 29 ноември, работното време на сите вработени во државната и јавната администрација во Скопје е определено да заврши во 12 часот.

Од Владата им препорачаа на општините, и на Град Скопје да ги спроведат заклучоците. Препораката, исто така, се однесува и на приватниот сектор на подрачјето на Град Скопје, а посебно од подрачјето на Општината Карпош и на општините кои гравитираат кон Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и хотелот „Александар Палас“.

Министерскиот состанок на ОБСЕ кој служи како централно тело за одлучување и управување ќе се одржи во арената Борис Трајковски.