23-годишен Холанѓанец ќе ја чисти пластиката од океаните со систем за филтрирање

Биодиверзитетот на светските океани е во голем ризик поради фрлањето на ѓубре во морињата, но Бојан Слат можеби има решение.

Во 1998 година, Чарлс Мур, океанограф, пловел во северот на Тихиот Океан и дошол до многу лошо откритие.

„Како што гледав од палубата кон површината на тоа што требаше да биде мирен океан, ме пресретна, до каде што ми гледаа очите, пластика“, напишал Мур во магазинот Natural History.

„Се чинеше неверојатно, но не можев да најдам чиста точка. Во цела недела додека се трудев да го преминам субтропскиот дел, без разлика во кој дел од денот гледав, пластично ѓубре пловеше насекаде – шишиња, капачиња, омоти, фрагменти“.

Кога ја открил објаста сега позната како Големиот пацифички појас на ѓубрем или „Вортексот на ѓубре“, имала големина колку Тексас (околу 700.000 квадратни километри), или повеќе.

Потешкотијата да се измери таа голема површина во океанот, значи дека точни податоци не можат да се дадат. Но, најновите истражувања сугерираат дека вортексот има „срце“ од околу милион километри квадратни, а одоколу има уште 1,4 милиони километри периферија на ѓубре. Големината и разноликоста на ѓубрето е застрашувачка, бидејќи научниците претпоставуваат дека има околу милион парчиња пластика на квадратен километар.

Опишан како „темпирана бомба“ од истражувачите на морињата, Големиот пацифички појас на ѓубре се верува дека пораснал пет пати во големина во последните 10 години и ќе стане поголем ризик за живиот свет во водата, но и за целата планета, ако пластиката продолжи да се деградира.

Овој проблем го поттикнал тогаш 16-годишниот Бојан Слат од Холандија, да смисли решение. Тинејџерот бил на одмор во Грција  кога на нуркање ја видел реалноста на проблемот со пластиката во океаните.

„Можев да видам повеќе пластични ќеси, отколку риби на нуркањето“, вели тој.

Требаше да направам научен проект на училиште и решив комплетно да се посветам себеси на проблемот. Сите ми велеа дека е невозможно да се исчисти ѓубрето, бидејќи пластиката е насекаде“.

Се откажал од студиите по аеронаутичко инженерство, со цел да најде решение. На почетокот, не добил позитивни реакции. Слат контактирал 300 компании барајќи поддршка, но само една му одговорила, велејќи дека „идејата е ужасна“.

Сепак, тинејџерот станал светски познат откако одржал говор на TED Talks, а успеал да најде и финансии за својот проект.

„Како аутсајдер кој нема долгогодишно работно искуство, имав време да размислам дека чистењето е идеја која може да функционира. Кога почнав, имаше консензус дека не може да се исчисти, дека проблемот е преголем, океанот е пресуров, проблемот на различната големина на пластиката“.

Клучната идеја која го прави концептот на Слат поразличен од другите, е принципот на „дозволувањето на морето да ја заврши работата“. Односно, океанските струи го носат ѓубрето во мрежи во облик на V, кои ја филтрираат ситната пластика. Кога системот е целосно функционален, пластиката се товари во мали чамци и се носи на копно за рециклажа.

Денес, фондацијата Ocean Clean Up има повеќе од 70 вработени и фонд од околу 30 милиони долари. Но, задачата со која се соочуваат слат и неговиот тим ќе бара поголем труд од тоа.

Засега, го чистат океанот со брод-прототип, а наредната година ќе имаат поголемо пловило и повеќе системи за прочистување. Мрежите со кои го ловат ѓубрето исто така се рециклираат, а од нив се прави облека.

Засега е познато дека околу четири милијарди пластични микрофибри лежат на океанскиот под.

„Денес, 95 проценти од пластиката се големи парчиња, а само пет проценти се мали, опасни микропластични честички. Тоа што ќе се случи во наредните децении, е дека микропластичната маса ќе се зголеми за 20 пати, што ќе биде голем проблем ако не се обидеме да го решиме“, вели Слат.