Трамп обвинет дека грабал жени „како октопод“

Американските медиуми објавија сведоштва од неколку жени кои го обвинија американскиот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп за непристојни сексуални контакти.

Две жени за Њујорк Тајмс изјавиле дека Трамп ги грабал и бакнувал. Новинарка од магазинот “People”, исто така рекла дека била насилно бакнувана од него.

Кампањата на Трамп ги отфрли сите обвиненија и се закани со тужби кон Њујорк Тајмс. Неговиот тим објави јавно писмо до американскиот весник, нарекувајќи го нивниот текст „клеветнички“ и „политички мотивиран за нанесување штета на кандидатурата на Трамп“. Њујорк Тајмс соопшти дека целосно стои зад објавените сведоштва.

Џесика Лидс, која сега има 74 години, изјавила за весникот дека кога имала 38, седела до Трамп на лет до Њујорк. Кога полетале, тој ја подигнал потпората за рака и почнал да ја допира.

„Беше како октопод. Неговите раце беа насекаде. Се работеше за напад“, рекла Лидс.

dzesika-lids-za-njujork-tajms

Џесика Лидс за Њујорк Тајмс

Другото сведоштво на Рејчел Крукс е дека Трамп ја бакнувал во уста пред лифт во Трамп Тауер – претставништвото на неговиот бизнис со недвижности, како 22-годишна рецепционерка во компанијата.

„Беше многу непријатно. Бев многу вознемирена затоа што тој мислеше дека може да го прави тоа затоа што сум премногу безначајна“, рекла таа.

Серијата обвинувања за сексуални напади, доаѓа една недела по протечената видео снимка од 2005 година, на која републиканскиот кандидат е „уловен“ на микрофон како со вулгарни зборови зборува за жените.

Оваа снимка предизвика бројни реакции во американската јавност, стотина жени облечени во црно, протестираа поради коментарите на Трамп блокирајќи го влезот на Трамп Тауер и повикаа Републиканската партија да се откаже од неговата кандидатура. Слични протести, покрај во Њујорк, се одржале и во Сан Франциско, Хјустон и Сиетл.

По објавеното видео, поддршката за Трамп драстично се намали кај гласачите. Според последните анкети, кандидатот на демократите Хилари Клинтон, има предност од 9% на национално ниво, додека пред само две недели односот помеѓу кандидатите за претседател на САД беше скоро изедначена.