Словенија дозволи истополови бракови, но не и посвојување

Преку нов закон на хомосексуалните парови во Словенија им се дозволи да стапуваат во брак и да имаат исти права како и хетеросексуалците, но без можност тие да посвојуваат деца.

Ксенија Клампфер, директорката на службата за бракови во Марибор, за Ројтерс изјавила дека првиот брак на две жени ќе се одржи денеска.

„Многу сме среќни и горди што ќе ја одржиме првата истополова венчавка. Веруваме дека таквите бракови се важен чекор кон формирање на инклузивно општество, во кое граѓаните ќе имаат еднакви права“, рекла Клампфер.

Законот беше усвоен пред десет месеци, откако на референдум во декември 2015 година беше одбиен предлогот кој истовремено на геј паровите ќе им го дадеше правото да посвојуваат деца.

„Ова е голем чекор напред. Но, ќе продолжиме да се залагаме за целосна еднаквост на хетеросексуалните и хомосексуалните парови“, изјавила Лана Гобец, портпарол за Легебитра група која се залага за правата на ЛГБТ заедницата.

Властите во Љубљана соопштиле дека досега не е регистриран истополов брак во главниот град.

Геј активистите објаснуваат дека остануваат уште работи кои треба да се решат во Словенија. Освен што се не им е дозволено посвојуваат деца, законите не им дозволуваат ниту вештачко оплодување.

„Се уште сме далеку од нашата цел… Ако навистина ги признавата човековите права, тогаш ги признавате во целост. Новиот закон решава некои проблеми, но не го решава основниот проблем дека сите граѓани во нашата земја треба да имаат исти права“, истакнале преку заедничко соопштение, хомосексуалните партнери Јуре Поглајен и Давид Зорко.

Хомосексуалните двојки во Словенија, од 2006 година можеа да ја регистрираат својата врска. Нив исто така им е дозволено да посвојуваат деца од претходните врски на партнерот, но не и туѓи деца.