Промени во програмата за „Бела ноќ“, настапот на корејците „Tago&АtoBIZ“ одложен за утре

Младинскиот културен центар најавува промена за програмата за „Бела ноќ“. Наместо вечерва од 21 часот, корејската група „Tago&АtoBIZ“ ќе настапува утре (недела) во 19 часот на плоштадот „Македонија“.

Според организаторите, одложувањето е поради лошото време и најавите за дожд во текот на целиот ден, а со цел скопјани да имаат можност целосно да ужививаат во музичко сценски спектакл „Таго: Корејски тапан 2“.

„Сметаме дека граѓаните на Скопје заслужуваат оваа светска атракција да ја погледнат во што поголем број, и во услови што ќе овозможат нивниот настап да биде на највисоко, светско ниво, како што обично тоа го прават низ целиот свет“, велат од МКЦ.

Манифестацијата „Бела ноќ“ во галеријата на МКЦ започнува со изложбата на графики на Салвадор Дали. Од МКЦ потенцираат дека музичката програма таму стартува од 21 часот во џебното кино, каде ќе настапи Алекс Јонсон Соло од Данска.

Од 21:30 часот во денсинг салата се предвидени концерти на Barbarisms од Шведска, нашите Conquering Lion и италијанците Ninos du Brasil. Присутните потоа ќе се журкаат и со I TPAME I TVRAME и UJ PA GAZ од Албанија, македонските KANTON6 и Нино Наумов.