„Бела ноќ“ во сабота со изложба од Салвадор Дали и бројни културни настани

Тринаесеттото издание на манифестацијата „Бела ноќ“ годинава ќе се одржи на 7 октомври, на повеќе локажии во Скопје. Ноќта помеѓу сабота и недела, главниот град ќе биде центар на повеќе културни настани.

Манифестацијата во галеријата на Младинскиот културен центар ќе започне со изложбата на графики од генијалниот Салвадор Дали, насловена „Помеѓу ѕвездите и басните“. Изложбата  содржи серија од 11 нумерирани и потпишани графики, кои ги илустрираат басните на Жан де Лафонтен, како и неговиот портрет, виден со очите на Салвадор Дали и тринаесет графики од серијата Зодијак.  Шпанскиот уметник ги илустирал познатите басни како „Гавран и лисица“, „Коњи и волк“, „Лавовиот двор“, „Болниот елен“. Оваа серија бакрорези е создадена во 1974 година и е печатена на 250 графички табли, кои се чуваат во многу галерии низ целиот свет. Ќе бидат изложени и дела од опусот „Вечерата на Гала“, „Божествена комедија“, и познатите Далиеви коњи, како и една скулптура во позлата, наречена „Жена жирафа“. Вкупно 29 дела од овој мајстор на уметноста.

Музичката програма на МКЦ пак годинава ќе се одвива на три сцени. Во џебното кино, во 22 часот ќе настапи Alex Jønsson Solo од Данска. На Платото МКЦ, програмата почнува во 21:30 со Barbarisms од Шведска, нашите Conquering Lion и Италијанците Ninos du Brasil. Во Денсинг салата пак присутните ќе се журкаат со I TPAME I TVRAME и UJ PA GAZ од Албанија, македонските KANTON6 и Нино Наумов.

На Плоштад Македонија, во 21 часот е најавен перформансот „Tago&АtoBIZ/ ТАГО: Корејски тапан 2“.  Триесетина актери, танцувачи, изведувачи и членови на оваа светска атракција, ќе ја почестат публиката со 70-минутен перформанс. Одличниот микс на корејски традиционални инструменти, почнувајќи од огромни тапани, до мали перкусии со доза на древни боречки вештини, има цел да го збогати перформансот со динамични движења.

За „Белата ноќ“ отворен ќе остане Природнонаучниот музеј чија постојаната поставка опфаќа површина од 1700 м2. Во неа се изложени околу 4 000 оригинални експонати, со над 270 000 примероци од геата, флората, фунгијата и фауната на Македонија.

Во горното фоаје на МКЦ е најавен настанот „Сексот и револуцијата“ на авторскиот тим Катерина Станковиќ – Бјеговиќ, ликовна уметничка и Јелена Живковиќ, историчарка. Во долното фоаје поставена ќе биде инсталалација „Танцување на природата“ од Марија Светиева.

Во Домот на културата „Кочо Рацин“ посетителите ќе ја проследат изложбата на Стефан Димовски во чии дела преовладува акварелната техника, усовршена до перфекција.

Во Музеј на град Скопје поставена ќе биде кодираната интермедијална амбиентална инсталација од проектoт „Ремеморирање“ на Антонио Пирковски, направена со помош на машинските инженери Кристиан Цветковски и Маја Лилчиќ. Светлосните и звучните стимулатори, кои се рефлектираат од инсталацијата, низ дразбите ја симулираат невронската слика на мозокот, во кој постојано се емитуваат сигнали од милиони неврони бомбардирајќи ја човечката свест.

 

Традиционално, и годинава дел од „Бела ноќ“ е 24-часовниот филмски маратон во Кино Милениум. Во текот на ноќта, со почеток во 19 часот, обезбеден е бесплатен транспорт со автобусите на ЈСП Скопје, на сите линии кон центарот на градот.