Повик за учество на работилница за фотографија на „МакеДокс“

На еден месец пред почетокот на осмото издание на фестивалот „МакеДокс“, отворен е повик за работилницата на која ќе се зборува за почетоци на визуелниот запис. Учесниците ќе запознаат со основните теориски поставки на камера опскура, сами ќе изработуваат фотоапарати и ќе прават фотографии со нив. Дел од нив дури и ќе се изложат. Ќе ја истражуваат визуелната нарација, ослободена од технолошкиот товар.

Работилницата ќе ја води Сашо Н. Алушевски со дел од секцијата за фото и видео на „МакеДокс“. Ќе се случува преку ден во текот на три фестивалски дена, во траење од најмалку три часа дневно. Бројката на учесници е ограничена на 16, возраста на учесниците не е. Како предност ќе се смета секое фотографско искуство, особено со аналогна фотографија.

„Напиши кусо мотивациско писмо – кажи ни нешто за себе и зошто би сакал/а да учествуваш на работилницата – и испрати ни го на photo.makedox@gmail.com најдоцна до 20 јули 2017 година“, информираат организаторите.

Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 19 до 25 август 2017 година во Скопје.