Поради скандалозни коментари на Фејбук, ТВ Стар ги прекинува сите односи со градоначалникот Наџиски

Градоначалникот на Берово, Драги Наџиски, вчера преку Фејсбук ја нарече новинарката Даниела Такева „новинарска проститутка“. По ова, Такева најави тужба, а ТВ Стар ги прекинува сите односи со градоналалникот.

„Како медиум сме згрозени од нискоста на коментарите и во иднина ги прекинуваме сите релации со институцијата градоначалник на Берово, се додека нејзин вршител е Драги Наџински“, изјави Оливера Жежова, уредник на ТВ Стар.

ТВ Стар најави дека писмено ќе ги информира сите новинарски здруженија, Хелсинскиот комитет за човекови права, странските амбасади, мисијата на ОБСЕ и останати домашни и меѓународни  релевантни институции. Исто така, најави дека ќе го информира партискиот лидер на Наџински, Никола Груевски, а со цел, како што велат „да види какви градоначалници од неговата партија ги водат општините“.

Инаку, коментарот кој се појави вчера на Фејсбук-профилот на Наџиски, а потоа го снема, гласеше:

„Оваа e неписмена. Не знам каква награда добила, но знам кој ѝ ја доделил. Таа е новинарска проститутка, ништо повеќе. Сега знам, за овој мој коментар ќе напише нешто лошо за мене или за Берово, но се навикнавме, не е страшно, ја прочита народот“.

Принтскрин од пост на профил на Драги Наџиски

Принтскрин од пост на профил на Драги Наџиски

Наградата за која зборува градоначалникот на Такева и беше доделена изминатиов декември. Поточно, заедно со новинарот Горан Лефков од „СКУП“ беа добитници на признанието „Најдоброто од Истокот“ во сферата на информирање за 2016 година. Членовите на ЗНМ од Регионалниот центар во Штип оценија дека Даниела Такева, како репортер која известува од Пијанечко-Малешевското подрачје, со нејзините инспиративни информативни прилози и со сериозниот и аналитички пристап, на јавноста секојдневно и нуди информации од значење за регионалната заедница.

„Такева, поради нејзината работа како новинар честопати била на удар на локалните власти, но таа никогаш не ја изневерила професијата, за што граѓаните имаат доверба во нејзината работа“, рекоа тогаш од ЗНМ.