Градоначалникот на Берово преку Фејсбук ја нарече Такева „новинарска проститутка“

Новинарката од Делчево, дописничка на повеќе медиуми, Даниела Такева, доживеа крајно невкусна дискредитација од градоначалникот на Берово, Драги Наџински, кој на „Фејсбук“ ја нарече „новинарска проститутка“, пренесува агенцијата „Мета“.

Според агенцијата, пишувајќи репортажа за дрвото секвоја, што во Македонија расте единствено во Малешевијата, Такева згрешила во редот на буквите и напишала „севкоја“.

„Оваа e неписмена. Не знам каква награда добила, но знам кој ѝ ја доделил. Таа е новинарска проститутка, ништо повеќе. Сега знам, за овој мој коментар ќе напише нешто лошо за мене или за Берово, но се навикнавме, не е страшно, ја прочита народот“, напиша на својот профил градоначалникот Наџински.

Принтскрин од пост на профил на Драги Наџиски

Такева, инаку, е овластен лектор, магистер по македонистика и комуникологија и веројатно направила печатна грешка, која подоцна ја поправила. Како еден од ретките дописници од овој крај на Македонија, често излегува со критички текстови за работата на општините. Меѓу нив, и за Општината Берово.

Како што јавува „Мета“, Такева денеска, крајно вознемирена, не сакала да коментира, само рекла дека нема да му остане должна на Наџински по бројните јавни навреди и дискредитација. Но, по оваа навреда, која ја оцени како „дно“, ќе бара судска разврска.

Колегите новинари од регионалниот разгранок на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), давајќи поддршка на Такева, велат дека новинарите од малите средини, кога ќе паднат во немилост на локалните моќници, кои неретко се однесуваат како шерифи, трпат секакви притисоци. Почнувајќи од јавни дискредитации, закани, па сè до потези кои значат останување без егзистенција.

Инаку, откако медиумите почнаа да пишуваат за случајов, постот на Наџиски го снема од Фејсбук.