Обновено: Сателитот Сентинел-5П утре почнува со откривање на загадувачите во светот

Овој петок, сателитот Сентинел-5П на Европската вселенска програма тргнува во мисија за откривање на загадувачите на воздухот во светот. Тој секојдневно ќе ги мапира атмосферските гасови со многу подобра резолуција од досегашната, со цел да им ги даде потребните информации на владите за да имплементираат соодветни стратегии за намалување на загадувањето на воздухот, што за возврат ќе помогне да се спасат животи.

Информациите од Сентинел-5П ќе се користат во голема мера преку Службата за мониторинг на атмосферата на Коперник. Податоците се бесплатни и отворени за корисниците ширум светот. Првите податоци се очекува да бидат достапни на почетокот од наредната година.

Ќе се откриваат загадувачите и во Македонија, иако државата не е дел од Европската вселенска програма.

Сепак Горјан Јовановски, креаторот на апликацијата „Мој воздух“, вели дека прави напори за овие мерења подетално да се направат на територијата на Македонија оваа зима, барем во најзагадените градови. Тој информира дека засега е во преговори со локална фирма која е дел од програмата, која прави специјализирани мерења на точно дадени површини. Ваквите мерења, верува Јовановски, ќе помогнат во намалување на ПМ загадувачите.

Јовановски се надева дека оваа мисија ќе ги поттикне македонските власти да се вклучат во конечно решавање на аерозагадувањето, бидејќи како што нагласува, тоа е нивна работа од самиот почеток.

„ Фактот дека ќе има ваква акција не значи дека треба да седиме со скрстени раце и да ги чекаме податоците на послужавник, туку треба да продолжиме со уште поголеми напори и брзина за решавање на проблемот“, вели тој.

Според Светската здравствена организација 3,7 милиони луѓе во светот починале во 2012 година како резултат на надворешното загаување на воздухот.

Аерозагадувањето прерасна во еден од најголемите проблеми за животната средина кој ги погодува луѓето од развиените држави, но и од оние во развој. Смртта на милиони луѓе предизвикана од нискиот квалитет на воздух, укажа на потребата за мониторирање на воздухот што се дише.

Загадувачите навлегуваат во воздухот од различни извори, иако повеќето се резултат на моторните возила и индустриските процеси на согорување.

Сентинел-5П ќе обезбеди временски податоци за најголемиот дел од гасовите што можат да влијаат на здравјето, како што се азот диоксид и јаглерод моноксид.

Дишејќи загаден воздух со азот диоксид, кој доаѓа од сообраќајниот метеж и други фосилни горива од процесите на согорување, можат да предизвикаат проблеми кај респираторниот систем на човекот.

Јаглерод моноксид, кој доаѓа најчесто од возилата кои не го согоруваат фосилното гориво целосно, го намалуваат количеството на кислород што може да се транспортира во крвотокот.

Сентинел-5П може, исто така, да го мери сулфур диоксидот, кој претежно доаѓа од индустриските процеси и емисиите од моторните возила, но тој може да се најде и кај вулканските облаци. Повторно, овој загадувач може да предизвика проблеми со дишењето и е претходник на киселите дождови.

Мисијата исто така ќе мапира и помалку познат загадувач како формалдехидот, кој може да се ослободи во атмосферата преку преработувачката индустрија и од шумски пожари. Може да ја иритира кожата и да влијае на здравјето.

За разлика од озонот во стратосферата, кој ја штити Земјата од штетните УВ зраци, ознот во пониската атмосфера може да предизвика проблеми со дишењето и може да и наштети на вегетацијата. Овде, тој се формира кога азот диоксидот и испарливите органски соединенија се комбинираат во присуство на сончева светлина – тоа е главната состојка на урбаниот смог. Сентинел-5П ќе ги мери и „добриот” и „лошот” озон.