Нереди на протестите против Трамп, се најавува граѓанска непослушност

Незадоволството од изборот на претседателот Доналд Трамп се претвори во неред на втората вечер протести во повеќе американски градови. Десетици илјади Американци најавија дека ќе протестираат и во следните денови.

Протести имаше на улиците во Денвер, Минеаполис, Милвоки, Портланд и Оукленд и десетина други американски градови. Повеќето беа мирни, но во Портланд тие се претворија во насилни и беше нанесена материјална штета. Десетици луѓе биле уапсени, според сведоци од местото на настаните.

Демонстрантите фрлаа предмети на полицијата и искршија повеќе излози на продавници и автомобили, соопшти полицијата од Портланд, која протестите ги прогласи за нарушување на јавниот ред и мир. Некои од граѓаните испишувале графити на автомобили и згради, додека биле искршени повеќе излози на продавници и запалени биле неколку контејнери, јавуваат локалните медиуми.

Организаторите на протестите и активистите низ целата земја ги дискутираат следните чекори, додека во меѓувреме некои повикуваат на директна акција.

„Време е да почнеме да ги тренираме нашите млади луѓе на ненасилна граѓанска непослушност повторно. За претворањето на бесот во моќ е потребна дисциплина и фокус“, вели Бенџамин Џелос, поранешниот директор на Националната асоцијација за напредок на обоените луѓе.

Приватна фејсбук група планира масовен протест во Вашингтон и веќе собрале 30 илјади членови до вчера, додека илјадници се приклучуваат секој час. Триш Гилберт, креаторот на групата вели дека маршот ќе биде „мирно покажување на сила против екстремните ставови на Трамп“.

„Ќе им покажеме на сите – Претставничкиот дом, Сенатот и избраниот претседател, затоа што тој навистина ќе биде претседател – дека се уште сме овде и нема да заборавиме што се случуваше и подобро за нив да не си поигруваат со тоа што го постигнавме“, вели Гилберт.

Во главниот град, Вашингтон, околу 100 луѓе маршираа од Белата куќа до новоотворениот хотел на Доналд Трамп неколку улици подалеку, со извици „Нема омраза! Нема страв! Имигрантите се добредојдени овде“, додека држеа транспаренти на кои пишуваше „Отповикајте го Трамп“ и „Не е мој претседател“.

„Не можам да поддржам некој кој поддржува толку многу омраза и нетолеранција кон другите“, вели 25-годишниот Џо Даниелс од Вирџинија.

Новоизбраниот претседател Трамп, на Твитер напиша: „Само што имав отворен и успешен претседателски избор. Сега професионални демонстранти, поттикнати од медиумите, протестираат. Многу неправедно!“