МЕР: Гасоводот минува на јужниот дел од Водно, имаме одобрение за градба

Цела недела откако се појавија багери на сртот на Водно, АД Македонски енергетски ресурси (МЕР) за Радио МОФ потврдува дека во тек е реализација на Проектот за изградба на магистрален гасовод Делница 5 Скопје-Тетово-Гостивар.

За гасоводот, велат тие, имаат правосилно Одобрение за градење бр. 27 УП.-483/16Е од 7 декември 2016 година.

„Трасата на гасоводот во еден дел поминува на јужната страна на Водно, во поголемиот дел на потег кој се протега на подрачја кои не се пошумени. Гасоводот претставува подземен инфраструктурен објект и по неговата изградба целиот потег се враќа во првобитната состојба како пред изградбата и се врши рекултивација на земјиштето“, соопштува МЕР.

Заради загриженоста на Град Скопје за влијанието врз животната средина, велат тие, во тек се консултативни и координативни состаноци со сите надлежни институции со цел да се избегне било какво штетно влијание врз животната средина.

„Реализацијата на наведениот проект претставува изградба на објект од јавен интерес кој има примарно влијание врз екологијата и од кој бенефит ќе имаат сите граѓани“, стои во соопштението на МЕР.

Инаку, Радио МОФ вчера објави дека на сртот на Водно накај Матка, насред заштитена парк-шума, багери деновиве копаа и отстрануваа дрвја за изградба на гасовод. Веста за ново уништување на шумскиот фонд ги вознемири активистите и планинарите. Донесе и лавина реакции низ социјалните мрежи, особено што машинеријата од минатиот вторник се појави без најава, а ги фати затечени и градските власти на Скопје.

Град Скопје ни потврди дека не бил запознаен со почетокот на градежните работи. Според локалните власти, направена е минимална штета на Водно и во моментав зафатите се целосно стопирани, а Градот, Владата и МЕР ќе формираат работна група со цел „надминување на ова недоразбирање и заедничко одлучување за натамошните чекори“.

И ЈП „Паркови и зеленило“ потврди дека се стопирани активностите, но и дека претпријатието нема ниту дадено одобрение, ниту добиено барање за сеча. Министерството за животна средина досега не знаеше што се случува на терен, па дури за денес најавија увид на локацијата од  Државниот инспекторат за животна средина.

Градежната фирмата „Рапид Билд“, ангажирана од МЕР за изведба на гасоводот, за Радио МОФ тврдеше дека при постапката за одобрението за градење се контактирани сите релеватни институции во државата. На сртот на Водно, тврдат тие, исечени се само две дрвја.

Гасоводот почна да ја делка шумата Водно, градските власти затечени од сечата

Бојан Шашевски