[Колумна] Универзитетот „Мајка Тереза“ треба да се затвори наместо да добие зголемен буџет!

Во предлог буџетот за 2018 година кој е доставен до Собранието на Република Македонија, има солидна ставка за високо образование. Но, она што е спорно се предвидените средства за Универзитетот „Мајка Тереза“ односно 308 милиони денари и тоа од повеќе причини, кои се многукратко поголеми од оние што биле предвидени во буџетот за 2017 година. Во моментов кога се основаше „Мајка Тереза“ предложено беше и основање на втор универзитет „Дамјан Груев“ а тогашната опозиција цврсто го бранеше ставот против формирање на нови универзитети. Во моментов, изградбата на кампусот за новиот универзитет се најде во стратешките прироритети за 2018-2020 на новата Влада.

Одбор за акредитација и евалуација на високо образование

За основање на нов универзитет, но и за буџетите потребно е да се изјаснат неколку тела. Конкретно, Одборот за акредитација и евалуација на високото образование треба да даде мислење за основање на нова високообразовна установа, според член 14 од Правилникот за работа и организација на Одборот. Сепак, спорна е легитимноста на Одборот веќе години наназад поради нелегитимните студентски претставници кои се членови на Одборот. Претходно, тоа беше Кирил Спировски, а сега е Давор Поповски, претседателот на СПУКМ кој „победи“ на избори кои се спроведуваа со помош на ЕБР, за што е започната и истрага од страна на Јавното обвинителство. Во моментов претставници на студентите во овој Одбор се двајца студенти кои се напиша како членови на Национална студентска унија на Македонија, непостоечки правен субјект според Централен регистар. Затоа, наместо одвојување на државни пари за Универзитетот „Мајка Тереза“  кој е основан на спорен начин, без легитимитет, потребна е реформа и ревизија на Одборот, на нивните одлуки, па дури потоа да се направи проценка дали ни е потребна уште една високообразовна установа, особено во ситуација кога веќе постоечките се распаѓаат и буквално и метафорички.

Совет за финансирање на високо образование

Понатаму, за годишниот буџет за Универзитетот „Мајка Тереза“ но и генерално за буџет за високо образование потребно е да се изјасни Советот за финансирање на високото образование, што е регулирано со член 80, 81 и 83 од Законот за високо образование. Овој совет треба секоја година најдоцна до 15 мај на министерот надлежен за работите во високото образование да му предлага вкупен износ  на средства од Буџетот на Р.М. кој ќе биде потребен за високо образование. Сепак, овој Совет не постои односно не е формиран, иако законски е регулиран. Во еден од своите извештаи, ова го нотира и Државниот завод за ревизија, кој понатаму вели дека овој Совет треба на предлог на универзитетите да донесе мерила и критериуми и за давачките на студентит на високообразовните установи. Оттаму, не се знае како Универзитетот „Мајка Тереза“ го уредува давачките за студентите ниту како работи на универзитетска интеграција, односно соработка и воедначување на надлежностите на „Мајка Тереза“ со другите универзитети и нивните надлежности и можности кои ги нудат. Советот дава и мислење за финансирањето на студиските програми кое понатаму се праќа кај Одборот за акредитација и евалуација. Со оглед на тоа дека Советот не постои, а членовите на Одборот се со спорен легитимитет, нејасно е од каде е заклучокот дека на Универзитетот „Мајка Тереза“ треба да му се доделат 308 милиони денари од Буџетотот на Р.М.

Податоците покажуваат дека нема потреба од нов универзитет

Во моментов постојат 5 државни универзитети и 18 приватни без „Мајка Тереза“, а на нив функционираат  135 факултети. Од друга страна, Државен завод за статистика вели дека во редовните средни училишта, бројот на учениците на крајот на учебната 2015/2016 година изнесува 77 625 што претставува намалување за 5.1% во однос на претходната учебна година. Бројот на лица кои станале магистри и специјалисти во 2016 година изнесувал 2021. Иако има голем број на факултети, голем број на лица со стекнати титули од високообразовните установи, сепак, податоците укажуваат на голема младинска невработеност од речиси 40%, а статистиките за запишани средношколци и основци укажуваат на фактот дека за неколку години ќе нема кој да се запишува на факултетите кои никнуваат секојдневно. Хиперпродукцијата на високообразован кадар, намалувањето на бројот на средношколци и податоците од истражувања кои покажуваат тренд на  преквалификуван работен кадар во Македонија, би требало да значи дека парите предвидени за Универзитетот „Мајка Тереза“ треба да бидат пренаменети за други потреби на младите и образованието, наместо за нов универзитет.

Оттаму, нејасно е зошто и покрај низата пропусти околу универзитетот, како и немањето на никаква оправданост зошто е отворен, непостоењето на проценка на влијание и истражувањата кои укажуваат дека имаме други потреби наместо нови високообразовни установи, доставен е предлог буџет до Собранието на Република Македонија кое предвидува голема сума за овој универзитет. Имајќи во предвид дека имаме дефицит на одредени струки, имаме неквалитетно образование, на тестирањата ПИСА сме секогаш најдоле, при гласањето на овој буџет пратениците треба да размислуваат за амандмани кои оваа сума ќе ја пренаменат за развој на средното стручно образование, доедукација на младите преку обезбедување на практична настава во средното и високото образование, промоција на техничките и научните факултети, за да се намали трендот на запишување во гимназии а понатаму во високото образование на општествено-хуманистички науки. Ваквото кариерно насочување на младите ќе биде од поголема помош за намалување на моменталната стапка на невработеност и справување со преквалификуваноста/неквалификуваноста наместо фрлањето пари на нов универзитет.

Александра Филипова

*Колумната е напишана во склоп на проектот „На час“, чии активности се финансирани и се спроведуваат во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.