Климатските промени и правата на ЛГБТ заедницата отстранети од веб-сајтот на Белата куќа

Во својот говор за време на вчерашната инаугурација, претседателот Доналд Трамп рече дека моќта ќе се врати кај американскиот народ. Луѓето премногу долго трпеле за време на периодот на „Американскиот масакр”.

Но, не кажа дека веб-страницата на Белата куќа е подложна на промени. Во делот со прашања, беа отстранети климатските промени. Следни беа правата на ЛГБТ заедницата, граѓанските права и здравствената заштита. Овие рубрики се заменети со „Првиот енергетски план на Америка“, „Првата надворешна политика на Америка“ и „Се залагаме за спроведување на законот“.

Тимот на Трамп се уште нема официјален став за промените на сајтот.

Во верзијата на Обама, „Акција за имиграцијата“ беше топ тема. Но, и покрај најавите за изградба на ѕид со Мексико, Трамп не ја смета оваа тема за најважна.

Исто така, сите петиции покренати за време на администрацијата на Обама се отстранети и архивирани. Но, тоа не значи дека новите барања не може да се објават.

На страницата веќе може да се најде првата петиција, со која се бара веднаш да се објават даночните пријави на Доналд Трамп. Таа веќе има повеќе од 42 000 потписи.