„Граѓаните во Собранието“ бараат промена на закони во 11 области

Собранието е распуштено. Мандатите се вратени кај граѓаните. Новиот пратенички состав ќе биде познат по изборите на 11-ти декември, но веќе од сега новите народни избраници ги очекуваат 11 иницијативи за законски измени изработени од граѓански организации преку кои сакаат ја подобрат ситуацијата во повеќе општествени сфери.

Проектот е наречен „Граѓаните во Собранието“ во кој граѓанските организации изработија истражувања и документи за јавни политики од областа на здравствена и социјална заштита, подобрување на заштитата на човековите права, подигање на квалитетот на младинските и образовните политики.

Здружението за поддршка на лица со ретки болести „Вилсон“ е една од организациите вклучени во проектот. Поттикнати од големиот број проблеми со кои се соочија овие пациенти претходниот период, тие бараат сеопфатна национална стратегија за ретки болести, која би вклучила и изработка на Закон за оваа категорија граѓани која е невидлива во македонскиот правен систем.

„Во анализата на домашната легислатива забележуваме дека пациентите со ретки болести на ниеден начин не се признаени како специфична и ранлива категорија на граѓани. Заборавени сме од институциите и се соочуваме со проблеми од секој аспект на живеењето. Имавме ситуација во која шест месеци пациентите немаа лекови, терапијата доцни или е недостапна, постојат проблеми во тендерите за набавка на лекови. Ова е резултат од тоа што оваа сфера никако не е регулирана. Во конкретните закони има премногу дупки во однос на ретките болести“, рече Ања Босилкова Антовска од „Вилсон Македонија“.

dokumenti-za-javni-politiki-2

Меѓу останатите иницијативи се и редефинирање на системот на социјална заштита, за кој Радио МОФ пишуваше вчера, воведување тело кое ќе штити од дискриминација на УКИМ, промена на начинот на кој се доделува матичниот број поради проблеми со приватноста и поефикасно регулирање на нарушувањата на човековите права.

Проектот е замислен како форма на соработка меѓу граѓанскиот сектор и Собранието, го спроведуваше Вестминстер фондацијата за демократија и Високата школа за новинарство и односи со јавност. Нивните очекувања се дека овој начин ќе се промени ситуацијата во која едните велат дека „пратениците не соработуваат“, а другите велат дека „граѓанското општество само критикува но не нуди конкретни мерки“.

„Сфативме дека од двете страни има и потреба и волја за соработка. Затоа почнавме да работиме со овие организации на начин на кој тие ќе бидат во можност да понудат факти, докази и предлози до пратениците кои ќе можат многу бргу и лесно да ги користат во своите собраниските дискусии. Периодот во кој ги објавуваме нашите предлог закони е одлична можност за организациите да ги предложат своите предлог-политики до сите политички актери тие да ги вклучат во своите програми, по што понатаму ќе биде олеснето застапувањето и лобирањето“, изјави Дамир Незири од Вестминстер фондацијата.

„Ние се надеваме дека ќе има резултати. Тука зависиме од волјата на новиот состав на законодавниот дом, меѓутоа се надеваме дека ќе имаат слух. Слушнавме многу лоши приказни и сето тоа е добро срочено во овој документ, така што доколку пратениците го прочитаат и стапат во контакт со овие граѓански организации мислам дека ќе имаме успех“, смета Ивана Петкуќеска од фондацијата Вестминстер.

Промовиран беше и прирачник за истражување и пишување документи за јавни политики, кој дава насоки и совети за иницирање општествени промени од граѓанските организации, базирани врз истражување и аргументи со кои ќе се оправда промената.

Во продолжение погледнете ја и комплетната листа на граѓански организации и тезите на нивните истражувања на кои се базираат законските иницијативи.

  • Македонска платформа против сиромаштија: “Социјална заштита во Република Македонија: Како до систем по мерка на секој граѓанин”
  • Здружение за промоција и развој на инклузивно општество ИНКЛУЗИВА: “Состојба и предлог мерки за дополнителна здравствена и социјална заштита на лицата со попреченост и нивните семејства”
  • Здружение на граѓани за поддршка на лица со ретка болест Вилсон – ВИЛСОН Македонија: “Пациентите со ретки болести во Македонија – невидливи пред законот”
  • ХОПС – Опции за здрав живот Скопје: “Конопот за медицинска употреба во Македонија: Здравје или бизнис?”
  • Цивил – Центар за слобода и Млади европски федералисти (ЏЕФ Македонија): “Иницијатива за законски измени во начинот на кој се регулира говорот на омраза во медиумите во Македонија”
  • Институт за човекови права: “Измени за правен систем без дискриминација”
  • Центар за правни истражувања и анализи: ‘’Неефективноста на административната правда во Република Македонија”
  • Слободен софтвер Македонија: “Реформа во Законот за матичен број на Република Македонија по примерот на Република Хрватска ”
  • Ромска организација за мултикултурна афирмација С.О.С.: “Детски бракови: Од љубов до груба повреда на човечките права”
  • Метаморфозис: “Можности за законска имплементација на Отворените образовни ресурси (ООР) во Република Македонија”
  • Младински образовен форум (МОФ): “Потреба од менување правни акти во насока на воведување тело за заштита од дискриминација на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” – Скопје”