АВМУ: Известувањето на две телевизии укажува на прекршување на начелото за објективност

Повеќето телевизии и радија се придржуваат кон професионалните стандарди, покажува четвртиот десетдневен извештај на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) од мониторингот на медиумското известување за локалните избори, во периодот од 6 до 15 септември, пренесува Мета.

Сепак, велат од Агенцијата, кај дел од програмските сервиси се забележува отстапување од стандардите.

Според извештајот, начинот на известување на „ТВ Нова“ и „ТВ Алфа“ укажува на можна поврзаност на уредувачките политики, особено за одредени теми.

„Начинот на известување на ‘ТВ Алфа’ и ‘ТВ Нова’ укажува на прекршување на начелото за објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења, а се забележуваат и елементи кои индицираат можна поврзаност на уредувачките политики – особено во начинот на третирање на темата за мигрантите, за заминување на странски инвеститори од Македонија, објавувањето наводна анкета на МЦМС кој негира дека ја спровел и концентрирање на трансмисија на ставовите на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од АВМУ.

Извештајот нотира дека првиот програмски сервис на Македонската радиотелевизија – МРТ 1, при информирањето за политичките партии, целосно бил фокусиран на двете најголеми партии – од опозицијата и од власта, и речиси и да не информирал за другите партии и независни кандидати, кои, исто така, подготвуваат кандидатски листи и имаат активности.

Општа констатација во извештајот е дека покрај редовните секојдневни информации, медиумите ја обработуваат темата за локалните избори, се повеќе применувајќи аналитички пристап.