Амазон отвори автоматизиран супермаркет без продавачи и гужви на каса

Компанијата Амазон денеска го промовира првиот супермаркет без наплатни каси, чекор кој може да направи револуција во начинот на кој луѓето купуваат намирници.

Супермаркетот, кој се рекламира под слоганот „Нема редици, нема наплата – навистина нема“, се наоѓа во американската држава Сиетл и е наречен „Амазон Гоу“ (Amazon Go) и се наоѓал во фаза на тестирање веќе една година.

Продавницата користи голем број на камери поставени на таванот кои го идентификуваат секој купувач и следат што одбираат да купат, со што се елиминира потребата од наплата на производите одделно. Купувањето потоа се наплаќа директно од кредитните картички на потрошувачите во истиот момент кога ќе го напуштат супермаркетот.

Пред да влезат, купувачите мораат да ја скенираат својата смартфон апликација „Амазон Гоу“. Сензорите на полиците ги собираат производите кои ги земаат купувачите и ги вклучуваат во конечната сметка, додека ги одземаат сите кои се враќаат назад.

Супермаркетот бил отворен за вработените на компанијата за онлајн-продажба во декември 2016 година и се очекуваше да стане јавно достапен многу брзо.

Сепак, според човек од компанијата, постоеле неколку сериозни проблеми – како погрешно идентификување на купувачи со сличен изглед на телото или деца кои ги ставаат производите на погрешни места на полиците.

Шефицата на Амазон Гоу, Џиана Перини, вели дека продавницата работела добро во фазата на тестирање.

„Оваа технологија досега не постоеше. Навистина претставува напредок во најмодерната технологија на компјутерската визија и машинското учење“, вели Перини.

Амазон не соопштува дали планира да отвора повеќе вакви продавници, кои се одвоени од ланецот супермаркети „WholeFoods“, кои компанијата ги купи минатата година. Од компанијата велат и дека засега немаат намера да ја воведат технологијата во стотиците маркети од овој бренд низ земјата, кои се во нивна сопственост.

Трговците знаат дека колку побрзо потрошувачите можат да го завршат купувањето, толку поголеми се шансите тие да се вратат на истото место. Доколку редовите пред наплатните каси станат минато, тоа ќе обезбеди огромна предност врз конкуренцијата.