„Ако е вообичаено, не значи дека е праведно“, нова кампања против дискриминација на ХЕРА и општините

Родовата дискриминација, вознемирувањето некого поради социјалниот статус и сексуалната ориентација, се најчестите видови на дискриминација кои се застапени во помалите општини. Но, поради недостигот на финансиски средства и институционална поддршка, локалните заедници најчесто се оставени сами да се справуваат со овие случаи. Токму затоа, невладината организација ХЕРА и Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, во соработка со Холандската амабасада, започнаа нова кампања која ќе се спротивстави на секој вид дискриминација, а нејзин главен фокус ќе бидат токму помалите општини.

Програмскиот директор на ХЕРА, Драшко Костовски, рече дека иако се обратиле до пет општини, само три прифатиле да соработуваат со нив – Штип, Куманово и Струмица. Од голема помош, вели, била поддршката што ја добиле од Народниот правобранител и подрачните канцеларии на Министерството за правда.

„Увидовме дека тие (општините) се соочуваат со силни предизвици во делот на финансиската и институционалната поддршка. Недостасува координација во нивната соработка. Исто така, видовме дека нема вклученост на здруженијата на граѓани, но дека постои простор за унапредување на знаењата и на вештините поврзани со заштита од дискриминација, особено во делот на дискриминација заснована на сексуална ориентација и родов идентитет“, посочи Костовски.

Сега, во овие три града се формирани локални тела за заштита од дискриминација, кои имаат свој протокол за унапредување на соработката.

„Нивна цел е да ги информираат граѓаните и да ги поттикнат, да ги охрабрат да пријавуваат дискриминација. Еден од главните проблеми со којшто се соочуваме е малиот број на претставки, иако веќе седум години го имаме Законот за заштита од дискриминација“, нагласи Костовски.

Струмица, на пример, се соочува со повеќе видови на дискриминација, а најчесто од етничка, родова и сексуална основа, посочи Нела Масалковска, претставник од општината. Според неа, ваквите проекти ги зајакнуваат капацитетите на општините во однос на заштитата од дискриминација.

„Преку ова тело ќе создадеме еден механизам на соработка којшто ќе работи на повеќе активности во борбата против дискриминација и исто така, ќе презема иницијативи за подигнување на јавната свест“, рече Масалковска додавајќи дека еден од нивните основни принципи е рамноправноста на сите граѓани.

На ова се надоврза Цоки Ристевски, претставник на општината Куманово, кој нагласи дека локалните заедници имаат должност да им обезбедат правна поддршка на луѓето чии права се загрозени. Посочи дека дискриминацијата и денес се среќава насекаде во нивниот град иако Куманово е позната по својот мултикултурализам.

Како најзагрозена категорија се лицата од ЛГБТ заедницата, забележа Драгана Дрндаревска. Таа спомена дека граѓанските организации се обидуваат да ги вметнат сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основа за дискриминација во членот 3 од Законот, но тоа се уште не е постигнато. Според неа, позитивно е тоа што Министерството донесе стратегија, која за првпат ја вклучува сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација. Со тоа, вели Дрндаревска, има позитивно поместување на политиките.

Сепак, ја критикува работата на Комисијата за заштита од дискриминација, за која рече дека изминатата година таа постапила најлошо, но истовремено и најдобро.

„Факт е дека претставките се намалуваат, што се должи на демотивираноста на граѓанските организации коишто ги застапуваат правата на ЛГБТ заедницата. Потоа, изборот на новиот состав на Комисијата, за коишто некои од нив претходно сме предупредувале дека се сторители на дискриминација, коишто имале хомофобични коментари“, рече Дрндаревска.

Кампањата „Ако е вообичаено, не значи дека е правено. Еднаш мери, три пати сечи, но никогаш не дискриминирај“, ќе се емитува на национално ниво, но ќе се фокусира на локалните самоуправи.

За време на денешната презентација на кампањата се промовираше и видеоспот, кој може да го погледнете во продолжение.

Е.П.