8 лица уапсени за убиството на новинарката од Малта со автомобил-бомба

Во Малта се уапсени осуммина осомничени за убиството на истражувачката новинарка Дафне Каруана Галициа, соопштил малтешкиот премиер Жозеп Мускат.

Каруана Галициа, која истражуваше коруптивни афери во земјата, загина во октомври во експлозија на автомобил-бомба во близина на нејзиниот дом.

Премиерот Мускат во соопштението информирал дека уаспените осомничени лица се државјани на Малта, најголемиот дел од нив со криминално досие. Полицијата има 48 часа да ги испраша, по што треба да подигне обвинение или да ги ослободи.

Семејството на Каруана Галициа покрена судски процес против малтешката полиција поради наводно оневозможување на непристрасност и независност во истрагата за нејзиното убиство. Тие обвинуваат дека се работело за „убиство со умисла“ на новинарка која работела на откривање „корупција, криминалитет, конфликти на интереси и етички нарушувања“ од политичари и нивни соработници.

Најважните истражувања на убиената новинарка биле поврзани со „Документите од Панама“, протокот на документи од архивите на офшор правната компанија Мосак Фонсека.

Владата на Малта понуди 1 милион евра награда за информација со убиството, додека истрагата за случајот се води со помош на агенти од ФБИ и експерти за форензика од Холандија.

Семејството на убиената новинарка изрази бројни сомневања во водењето на истрагата, посочувајќи дека случајот се базира само на форензички докази, наместо проверка на финансиските трансакции кои можат да откријат важни информации. Тие истовремено сугерираат дека информациите кои протекуваат од полицијата ги заплашуваат оние кои можат да откријат некои информации за случајот.

И европските политичари изразија сомнеж во владеењето на правото во Малта, која е најмала држава-членка на Европската Унија.