ЗНМ: Пресудата на Европскиот суд е црвен картон за македонските институции

По вчерашната пресуда од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), со која се утврди дека била прекршена слободата на изразувањето и правото на фер судење на новинарите избркани од собраниската галерија во 2012, денеска на пресконференција Здружението на новинарите на Македонија го истакна значењето на одлуката истовремено повикувајќи ги надлежните да поднесат одговорност.

„Црно на бело, имаме потврда од Европски суд дека во Македонија се прекршува правото на слобода на изразување. Тоа повеќе не е прашање на перцепција, како што милуваат да кажат претставниците на досегашната власт, туку е ноторен факт утврден од релевантен европски суд“, велат од ЗНМ.

Пресудата, според Здружението, испраќа силна порака до новинарите дека стремежот за слобода секогаш победува. Истовремено, потенцираа тие, ова е порака за единство и солидарност во професијата. Тие веруваат дека македонските институции ќе извлечат поука од оваа пресуда и дека во иднина нема да се попречуваат новинарите во нивната работа.

„Пресудата не соочи со една горка вистина дека во Македонија нема демократски институции кои можат да ги заштитат граѓанските слободи кога тие ќе бидат прекршени од власта. Одлуката е црвен картон за грешките на Собранието и Уставниот суд, институции кои треба да бидат гаранти за заштита и промоција на човековите права. Да не се заборави одговорноста на полицијата која послужи како инструмент за кршење на човековите права. Како ЗНМ сакавме оваа прашање да го решиме во рамките на нашите институции. Ги искористивме сите домашни правни процедури да дојдеме до правда, но дрско бевме игнорирани и отфрлени“, соопштија од ЗНМ.

Новинарите потсетија дека по собраниските инциденти бараа оставка од спикерот Трајко Вељаноски и припадниците на полицијата поради насилното исфрлање на новинарите од собраниската галерија. Посочија и дека не добиле одговорен однос ниту од Уставниот суд на Република Македонија, како најодговорна институција за заштита на правата и слободите на граѓаните.

„Судот ја пропушти историската шанса да утврди едно очигледно прекршување на слободата на изразувањето. Сега време е за соочување со одговорноста. Ако малку останало човечки и професионален интегритет и кредибилитет кај уставните судии, веднаш би поднеле оставка“, порачаа од ЗНМ.

На таканаречениот „црн понеделник“, на 24-ти февруари 2012 година, новинарите кои ја следеа собраниската дебата за Буџетот на Македонија за 2013 година беа насилно отстранети од собраниската галерија и им беше оневозможено да го документираат отстранувањето на пратениците од опозицијата пред да се изгласа Буџетот.

ЕСЧП пресуди дека поради нанесената нематеријална штета на новинарите Насер Селмани, Наташа Стојановска, Фросина Факова, Снежана Лупевска, Билјана Дамевска и Тони Ангеловски, кои ја поднесоа тужбата, македонската Влада треба да им исплати по 5000 евра.