Во „црниот понеделник“ била нарушена слободата на новинарите, пресуди Европскиот суд

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) едногласно утврди дека со бркањето на медиумите од собраниската галерија во 2012 година при дебатата за Буџетот на Република Македонија, прекршена е слободата на изразување и правото на фер судење на новинарите.

Во случајот „Селмани и другите против Република Македонија“, во кои шест новинари го обжалија случајот, Судот во Стразбург пресуди дека со физичкото отстранување на новинарите повреден е членот 10 (слобода на изразување) од Европската конвенција за човековите права, додека во постапката пред Уставниот суд на Република Македонија бил повреден членот 6 (фер судење), бидејќи не било дозволено усно сослушување.

„Владата не успеа да го увери Судот дека било неопходно или оправдано отстранувањето на апликантите (новинарите кои ја поднеле жалбата) од галеријата на Парламентот. Конкретно, не постоела индикација дека имало било каква опасност од протестите кои се одржувале пред зградата на Парламентот на денот на инцидентот, од апликантите (кои ниту учествувале ниту придонесувале за нередите во салата), ниту од пратениците кои го направиле нередот. Судот не е убеден ниту дека апликантите можеле ефикасно да го гледаат отстранувањето на пратениците кое се вршело во тие моменти, нешто што било од легитимно јавно значење“, стои во одлуката.

Завршниот дел од пресудата, објавена на интернет страната на ЕСЧП

„Дополнително, случајот на апликантите пред Уставниот суд, не вклучувал ексклузивно правни моменти, туку и моменти на факти кои биле оспорени и кои биле релевантни за исходот на случајот. Апликантите имале право на усмено сослушување. Сепак, покрај нивното барање, Уставниот суд не одржал усмено сослушување на нивниот случај без да обезбеди причина зошто тоа не било неопходно“, дополнително стои во соопштението на ЕСЧП.

Судот пресуди дека поради нанесената нематеријална штета на новинарите Насер Селмани, Наташа Стојановска, Фросина Факова, Снежана Лупевска, Билјана Дамевска и Тони Ангеловски македонската Влада треба да им исплати по 5000 евра.

На таканаречениот „црн понеделник“, на 24-ти февруари 2012 година, новинарите кои ја следеа собраниската дебата за Буџетот на Македонија за 2013 година беа насилно отстранети од собраниската галерија и им беше оневозможено да го документираат отстранувањето на пратениците од опозицијата пред да се изгласа Буџетот.