„Природна перспектива“ организира семинар за изградба на објекти во форма на куполи

Оваа пролет, во цветниот месец мај, „Природна перспектива“ во селото Стар Иственик, делчевско, организира семинар со кој присутните ќе ги опреми со знаење за изградба на објекти во форма на геодезични куполи.

Семинарот ќе трае два дена со почеток на 11 мај (сабота) и завршува наредниот ден, 12 мај (недела).

Како што објаснуваат од „Природна перспектива“, присутните ќе добијат исцрпна информација во однос на потребно време за изградба, цена, типови на модели и сето она што е поврзано со изградба на една купола. Понатаму, знаење и вештина за употреба на куполен конфигуратор за пресметки кој се користи во изградбата на геодезичните куполи.

„Исто така, знаење и вештина за кроење, поставување и зглобување на конструктивниот скелет на една геодезична купола; Знаење и вештина за покривање на купола, како и поставување на хидро и термноизолација; Знаење за одбирање на правилниот тип на градежен материјал, вентилација и систем за затоплување; Знаење за работа во тим; Семинарот е соодветен како за љубители кои сакаат сами да си изградат геодезична купола, така и за архитекти и градежни инженери на кои ќе им се обрне посебно внимание. И уште неколку работи кои ќе останат во тајна за да се одржи љубопитноста“, посочуваат од „Природна перспектива“.

Објаснуваат дека со пријавувањето на учество, се потпомага на една иницијатива водена од еко-етички идеали.

„Затоа, секој кој има интерес да види во реално време и услови како се одвива процесот на зглобување и разглобување на геодезична куполна конструкција е добредојден“, потенцираат од организацијата.

Семинарот ќе го води Генчо Генчев од Бугарија и домаќинот Борче Димитровски од „Природна перспектива“.

Повеќе инфо околу семинарот може да се види ТУКА.