Тетовец доби кривична за лажна пријава за поставена бомба во Делчево

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека поднеле кривична пријава против 63-годишен тетовец, осомничен за кривично дело „тероризам“ поради лажно пријавување поставени бомби на повеќе локации во Делчево.

Според МВР, осомниченото лице на 17 декември од својот мобилен телефон се јавил во полициската станица во Делчево, лажно се претставил и пријавил дека на повеќе локации низ градот има поставено бомби.

„Полициски службеници извршиле преглед на посочените објекти, при што не биле пронајдени сомнителни предмети. По преземени мерки и активности, на 22.12.2022 С.Ѓ. бил лишен од слобода и во Полициската станица Тетово со него бил извршен службен разговор, по што му бил одземен телефонот и две СИМ картици“, стои во соопштението од МВР.

Според членот 394-б став 2 од делото „тероризам“ во Кривичниот законик, според кој се гони осомничениот, за заканување со експлозија или уништување јавни објекти предвидена е казна затвор од најмалку 8 години.