ЗНМ: Поголема безбедност, а не казнување на новинарите

Во Македонија постои јасна тенденција за неказнивост на насилството врз новинарите затоа што ниеден насилник не е изведен пред лицето на правдата. Потребно е да се изгради институционален механизам за превенција и казнување на насилството над новинари, за кој ЗНМ е подготвен да соработува со институциите.

Ова го истакна претседателот на Здружението на новинарите на Македонија Насер Селмани на средбата со генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер, на која присуствувале претставници на пет други граѓански организации.

Како што соопшти ЗНМ, амбасадорот Гремингер, кој престојува во дводневна посета на Македонија ги запознал претставниците на граѓанските организации со целите на посетата во Македонија, да види како земјата ја надмина политичката криза и да се запознае со агендата за реформи на Владата, за што, рекол, ОБСЕ е заинтересирано да ги поддржи тие напори.

Во врска со измените на медиумските закони, Селмани рече дека дебатата место да го подобри текстот на законот, тој се влошува. За ЗНМ е апсолутно неприфатлива идејата на Владата да ја регулира медиумската содржина, изјави тој.

„Тоа е во спротивност со најдобрите практики во европските демократии“, рече Селмани.

Тој посочил дека наметнувањето на парични казни за начинот на известување на новинарите покажува дека Владата сака да ја игра улогата на главен и одговорен уредник на медиумите.

Според него, Владата досега не покажала желба за вистинска дебата со аргументи околу моделот за финансирање на Македонската радиотелевизија.

„Ако Владата однапред знае дека за МТВ треба да се одвојат само 0,7 проценти од буџетот на државата, тогаш за што служи дебатата за законот“, праша Селмани.