„Златна мачка“ на филмски фестивал во Измир за филмот „Борба за смрт“

Краткометражниот филм „Борба за смрт“ на авторката Елеонора Венинова е награден со „Златна мачка“ за втор најдобар филм во меѓународна конкуренција, на Филмскиот фестивал за краток филм во Измир, Турција, кој се одржа од 1 до 6 ноември 2016 година.

Ова е втора награда за филмот откако во септември ја освои Специјалната награда за најдобра машка улога на филмскиот фестивал во Драма, Грција.

„Публиката одлично реагираше на филмот. Она што ги плени е едноставноста на приказната, хуморот, но и апсурдноста на самата ситуација со која се поистоветуваат гледачите од различни  земји и култури“, вели продуцентот на филмот Гоце Кралевски, кој ја прими наградата во Измир.

Во меѓувреме филмот е селектиран во официјална конкуренција на уште три фестивали, „Цертамен де корто Сорија“ во Шпанија, „Богота шорт филм фестивал“ во Колумбија, како и „Фестивалот за уметност и литература“ во Гоа, Индија.  Филмот досега е прикажан на дваесетина фестивали низ целиот свет.

„Ме радува што филмот патува и е одлично прифатен од публиката, но и од колегите филмаџии. Со овие последни фестивали, филмот се најде во официјална конкуренција на секој континет освен во Африка. Тоа ќе ни остане за наредната година“, вели режисерката Елеонора Венинова.

Парадоксалната драма во која двајца старци се расправаат за последното гробно место во едно запустено македонско село се снимаше минатото лето во мариовското село Кален. Сценариото и режијата се наградуваната македонска филмска авторка Елеонора Венинова. Во улогата на двајцата дедовци се актерите Мите Грозданов и Илија Струмениковски, а директор на фотографија е Димо Попов. Филмот е во продукција на „ДНФ филмс“, а е поддржан од Агенција за филм на РМ и од „Канал5”.

Во меѓувреме, Венинова и Кралевски активно работат на развојот и промоција на нивниот следен проект, долгометражниот филм „Преекспонирано“ со кој во октомври учествуваа на работилница во рамките на Филмскиот фестивал во Рига, Латвија.