„Жива сум и здрава“ – продуцентка која на Оскарите се појави во „Ин мемориам“

Австралиска филмска продуцентка вели дека е потресена што нејзина фотографија по грешка била вклучена во сегментот „Ин Мемориам“ на доделувањето на Оскарите, додавајќи дека е „жива и здрава“.

Фотографија на Џен Чепман, продуцентката позната по филмовите „Пијано“ и „Лантана“, погрешно била избрана да ја претстави Џенет Патерсон, дизајнерот на костими, со четири номинации за Оскар, која починала во октомври 2016 година.

„Бев потресена од мојата слика на местото на мојата прекрасна пријателка и долгогодишен соработник Џенет Патерсон“, рекла Чепман за магазинот Variety.

Таа вели дека е многу големо разочарување што грешката не била забележана.

„Јас сум жива и здрава и активна продуцентка“, додала Чепман.

Деби Рејнолдс и Кери Фишер го комплетираа сегментот посветен на починатите филмски работници, со песната „Both Sides Now“ на Џони Мичел, во изведба на американската кант-авторка Сара Берилез.