Женска солидарност за подобро утре на децата жртви на семејно насилство

Жени од бизнис секторот, политичката сфера и од јавниот живот беа дел хуманитарната акција „Една слика – една можност“ што ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување ја организираше со цел да им се обезбеди помош и поддршка на децата и семејствата жртви на семејно насилство – корисници на услугите на Првиот семеен центар во Град Скопје.

„Семејното насилство, уште познато и како домашно насилство, е најчестата форма на насилство врз жените, насекаде низ светот. Притоа, секојпат кога се случува, жртви се и децата. Ова од прва рака постојано ни се потврдува преку Првиот семеен центар во Град Скопје, каде што само минатата година работевме со стотина малолетни деца и средношколци чие секојдневие е обоено во боите на семејното насилство. Токму затоа неопходна е општествена одговорност, токму затоа радува вечерашната поддршка“, изјави Ива Михајловска, претседателка на ХЕРА во своето поздравно обраќање до присутните.

Идејата да им се помогне на децата кои ја немаат среќата да растат во здрава и спокојна средина ја поддржа и Фондацијата Отворено општество – Македонија, а важноста на настанот ја препозна и тимот од ресторанот „Амбрела“, НЛБ Банка, хотелот „Порта“ и галеријата „Грал“, како и над педесет уметници од целата земја кои несебично ги донираа своите уметнички дела.

Првиот семеен центар на Град Скопје е отворен во 2013 година и оттогаш непрестајно работи како единствено специјализирано советувалиште во земјава за жртви и за сторители на семејно насилство, вклучително и за малолетни деца кои директни или индиректни жртви на насилство. Благодарение на поддршката од Град Скопје, Комерцијална банка и УН Вомен, Првиот семеен центар им обезбедува бесплатна и доверлива психо – социјална поддршка и советување на семејства во кои постојат конфликтни односи, во кои се случувало или постои ризик да се случи семејно насилство. Покрај индивидуално, групно и семејно советување со психотерапевти, Центарот нуди и советување за социјални права, упатување и придружба до соодветни институции и организации и правна помош.

*Фотографии: Ариф Калгури