Зголемен бројот на туристи во септември во споредба со минатата година – земјава ја посетиле 90.000 странци

Бројот на регистрирани туристи во септември бил 124.800, од кои 72.1% биле странски, а 27.9% домашни туристи. Ова го покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС). За споредба, во септември минатата година, бројот на туристи изнесувал 103.787 лица.

Во меѓувреме, бројот на ноќевањата во септември годинава изнесувал 256.831, од кои 34.3% биле од домашните туристи, а 65.7% од странските туристи.

Во периодот од јануари до септември годинава, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 21.8%, и тоа кај домашните туристи има зголемување за 0.5%, а кај странските има зголемување за 40.3%.

„Бројот на ноќевањата е зголемен за 10.2%, и тоа кај домашните туристи има зголемување за 1.5 %, а кај странските има зголемување за 24.7%“, се посочува во извештајот на ДЗС.

Најбројни биле туристи од Турција – 23.252 лица, а најмалиот регистриран број на туристи – 24 биле од Јужна Африка.

Според извештајот, најголем број од туристите – 53.805 ги посетиле езерските места, по што следува Скопје со 42.596 туристи.