Зелено Тафталиџе бара одговорност од оние кои работеле за личен бенефит во Карпош

Градоначалници доаѓаат и си одат, а нивната основна функција е да служат на потребите на луѓето кои се дел од општината со која они владеат. Она што не му го забораваме на сегашниот градоначалник е што ниту еднаш не се појави на нашите протести во паркот на улица „Букурешка“, соопштува иницијативата Зелено Тафталиџе.

Според иницијативата, постојниот градоначалник Стевчо Јакимовски не се појавил ниту на улица „Лондонска“ каде во изградба се над пет објекта, ниту на „Прашка“ која е претворена во паркинг, ниту на „Варшавска“ каде, тврдат тие, негови блиски соработници од дивоградби издигнуваат 8-катни згради.

„Тогаш кога имавме потреба, кога општината како институција требаше да ни излезе во пресрет, драгиот градоначалниче никаде го немаше, ниту пак некој од неговите соработници вработени во општината, па уште и нас не етикетираше како партиска организација. Како граѓанска иницијатива не ни е цел некој да има бенефит во некоја политичка трка и не сме алатка која може да ја искористи било кој, со тоа се оградуваме од сите политички активности на било кој кандидат за функцијата татко на оваа општина и тоа е причината за нашата моментална неактивност“, стои во соопштението.

Меѓутоа, сметаат од таму, тоа што го направила актуелната гарнитура која управува со Општина Карпош ќе „остави трајни белези врз целокупниот живот во оваа општина и посебно во населбите кои беа директно најзагрозени во истата, како една од нив ја издвојуваме населбата Тафталиџе“.

„Одговорност мора да има! Доколку продолжи ваквиот тек на настани и нема реперкусии за оние кои вршеле криминални дејствија за личен бенефит, никогаш граѓаните нема да имаат сигурност дека ова нема да се се случи повторно. Настојуваме да се задоволи правдата и сите оние кои ја изиграле соодветно да си носат последици. Доколку тоа не го направат задолжените институции, ќе го направиме сами! Маалски, а не партиски!“, соопштува Зелено Тафталиџе.