Заврши серијалот „Горди на себе“ во која новинари беа атлетите од Специјалната олимпијада

Со епизодата во која соговорник на атлетите на Специјалната олимпијада беше македонскиот кошаркар Перо Антиќ, заврши ТВ проектот „Горди на себе“, кој се емитуваше во рамки на утринската програма на МТВ „Македонија наутро“.

Емитувани беа вкупно пет епизоди во кои атлетите на Специјалната олимпијада ја имаа улогата на новинари и правеа интервјуа со македонските спортски ѕвезди како кошаркарот Перо Антиќ, кошаркарката Едина Муса, ракометарот Кире Лазаров, фудбалерката Наташа Андонова и пливачот Евгениј Поп Ацев.

Атлетите на Специјална олимпијада имаа можност да присуствуваат и на тренинг на Македонската ракометна репрезентација пред Европското првенство во Хрватска кога го направија интервјуто со капитенот Кире Лазаров.

Целта на ТВ проектот „Горди на себе“ беше да се сензибилизира пошироката јавност за лицата со интелектуална попреченост, а воедно да им даде поддршка со нивно прикажување во јавност. Очекувањата по проектот се што повеќе мотивирачки приказни за лицата со интелектуална попреченост во медиумите, кои треба да овозможат намалување на стигматизацијата и предрасудите.

Серијалот беше реализиран од здружението „Специјална олимпијада Македонија“ како добитници на грант преку проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Коалиција за медиумска писменост”. Проектот го спроведуваше Високата школа за новинарство и односи со јавноста, во соработка со Институтот за различности во медиумите од Лондон и весникот „Нова Македонија“, со финансиска поддршка од Европската Унија.