Заробени 140 милиони долари откако починал сопственикот на канадска берза за криптовалути

Најголемата берза за криптовалути во Канада, Квадрига, не може да пристапи на милиони долари во дигиталната валута по ненадејна смрт на нивниот основач.

Компанијата поднела судско барање за заштита на кредиторите, по проценките дека недостасуваат околу 137 милиони долари во криптовалути. Тие не успеале да ги лоцираат и заштитат нивните резерви од криптовалутата по смртта на сопственикот Џералд Котен во декември.

Котен, кој имал само 30 години, бил единствениот надлежен за раководење со средствата и криптовалутите.

Во документите испратени до судот на 31 јануари, неговата вдовица Џенифер Робертсон изјавила дека лаптопот на кој Котен ја извршувал работата за компанијата е заштитен со шифри и дека таа не го знае пасвордот.

Компанијата ангажирала детективи за да се обидат да дојдат до информации, но засега обидот имал само мал успех, враќајќи само неколку монети.

Според компанијата, околу 115 илјади корисници имаат сметки во кеш или криптовалути.