Започнува кампања за прогласување на Осоговските Планини за заштитен предел

Во наредните четири недели, Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во  соработка со Македонско еколошко друштво (МЕД), Јавното претпријатие „Национални Шуми“ и општините ќе спроведува кампања за промоција на Осоговските Планини и важноста тие да станат заштитен предел.

Идејата е јавноста да се информира и запознае со концептот на „заштитено подрачје“, кои се придобивките, вклучувајќи ги и економските аспекти и зошто Осогово треба да се заштити.

Кампањата ќе се одвива преку промоција на кратки видеа и фото-сведоштва од Осоговскиот регион, објави на социјалните мрежи со важни информации за идното заштитено подрачје, за природните вредности, биодиверзитетот и специфичните интеракции на природата и човекот, за туризамот, планинарството, специфичната култура и традиција, како и за придобивките од заштитата на подрачјето, информираат од министерството.

Покрај ова, МЖСПП наредниов период во соработка со општините ќе организира четири јавни расправи во Осоговскиот регион за запознавање на засегнатите страни со Нацрт-Одлуката за прогласување на дел од Осоговски Планина и за заштитено подрачје во категорија – заштитен предел. Таа е изработена врз основа на Студијата за валоризација на природните вредности на Осоговските Планини  заштитен предел и Анексот на Студија .

Јавните расправи се дел од активностите за вклучување на јавноста во процесот на изработка на конечниот Акт кој ќе биде доставен до Владата на Република Северна Македонија на усвојување. Термините за одржување на јавните расправи се достапни на веб страницата на МЖСПП.

Идното заштитено подрачје Осоговски Планини опфаќа делови од општините: Крива Паланка, Кратово, Пробиштип, Чешиново Облешево, Кочани, и Македонска Каменица.