Започнува 8-мото издание на Филозофски Филмски фестивал

Од 12-ти до 19-ти април Филозофското друштво на Македонија го организира 8-от Филозофски Филмски Фестивал (ФФФ), втор со интернационален предзнак. Главната програма на Фестивалот ќе се одржи во Кинотеката на Македонија со учество на повеќе домашни и интернационални гости – филозофи, професори, истражувачи, режисери.

Во компетитивната програма во конкуренција за наградата „Златен був“ за најдобар долгометражен филм ќе бидат шест филмови: „Граѓанинот“ од унгарскиот режисер Роланд Враник, „Шопенхауер шизофренија“ на Аристарх Нескупов од Украина, бразилскиот „Млади и бедни, или човекот што вреска не е разиграна мечка“ на Тиаго Б. Мендонса, „Крај мене“ од Теди Некула од Романија, германско-косовската копродукција „Ехо“ на Дрен Жерка и иранскиот филм „Долг ден“ на режисерот Бабак Бахрамбејги.

Придружната програма на Фестивалот се состои од предавања на интернационалните гости (Хана Павек, Нил Кенеди, Џан Мариа Торе) организирани во соработка со неколку наши високообразовни институции. Во рамките на овој сегмент од програмата ќе се одржи и џез вечер со SHAMBA JAZZ TRIO по вечерната проекција во Кинотеката (14 април, кафе бар Мартини).

Филозофскиот Филмски Фестивал и оваа година нуди богата едукативна програма за учениците од средните училишта, работилници и предавања за младите, како и годинешниот нов програмски сегмент – Фил(м)ософија за деца. Средношколската видео лектира е резервирана за учениците од средните училишта (вклучени 18 училишта ширум Македонија), при што по искуството на гледање филм на големо платно на докажан класик од филмската историја  учениците пишуваат есеј на зададена тема во рамките на Наградниот конкурс – оваа година „Либерти Валанс – правото на силата или силата на правото?“.

Како и претходните три години, по завршувањето на Фестивалот следи ФФФ Караванот, којшто овојпат ќе посети пет градови низ земјата: Штип, Свети Николе, Битола, Прилеп и Охрид, во обид да пренесе дел од атмосферата и духот на Фестивалот и надвор од главниот град.

Фестивалот по втор пат е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, прв пат од Министерството за култура и трет пат од Градот Скопје.

Целосната програма и повеќе информации можете да најдете на интернет-страницата на ФФФ.