Започнува 40. Меѓународен студентски етно фестивал

Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“ кое функционира во склоп на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” и оваа година традиционално го одржува Меѓународниот студентски фолклорен фестивал кој годинава го прославува и својот 40. јубилеј.

Настанот ќе започе со дефиле на учесниците почнувајќи од спомен-куќата на Мајка Тереза со почеток во 19:00 часот. Оттаму ансамблите ќе се движат до ,,Плоштадот Македонија“ каде во 20:00 часот Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски, официјално ќе го прогласат фестивалот за отворен.

Како земји-учеснички годинава ќе бидат Германија, Турција, Северен Кипар, Унгарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија и Македонија.

Идејата за организирање на МСФФ потекнува од студентите на УКИМ во знак на благодарност кон земјите кои помогнаа во изградбата на разрушеното Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година па оттука овој фестивал се нарекува и ,,Фестивал на солидарноста”.