Започнаа уписите на факултет

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денеска и утре е првиот рок за упис во прва година додипломски студии во учебната 2019/2020 година.

Во прва година на прв циклус студии во учебната 2019/2020 година може да се запишат вкупно 10.665 студенти. Вториот уписен рок на УКИМ е на 12 и 13 септември, а  третиот рок на факултетите каде што ќе останат слободни места е на 25 септември.

И уписите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола траат денеска и утре.

Во академската 2019/2020 година има 2.935 слободни места, 1.575 во државната квота, 820 со кофинансирање и 540 за вонредни студенти.

Уписите на Универзитетот „Гоце Делчев“ веќе траат, а краен рок е 2 септември. Според конкурсот за упис на студенти, во новата академска 2019/2020 година има 4.404 слободни места. За редовни студенти во државната квота има 2.675 слободни места, во квотата за кофинансирање 969 и во квотата за вонредни студенти – 760 студенти.

Првиот уписен рок на Државниот универзитетот во Тетотво трае до 30.08.2019, а конкурсот може да се преземе на следниот линк.

Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, пак, ќе има уписи на 2 и 3 септември во првиот уписен рок. Според конкурсот за упис на студии од прв циклус, во учебната 2019/2020 година има место за 490 студенти.

Според Закон за високото образование, академската година за студентите почнува на 1 октомври.