Започна второто издание на Школата на креативен документарен филм „АКТив“

Второто издание на Школата на креативен документарен филм „АКТив“ почнува денеска во Призрен, Косово, а во нејзината работа учествуваат млади автори и авторки од Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и од Србија.

Школата „АКТив #2“ е продолжение на разновидната образовна програма која ги поттикнува младите луѓе да моќта на сликата ја користат во своите средби со општествената реалност внатре во Школата ќе трае до 10 септември 2015 година, а целокупниот филмски процес, почнувајќи од креативното пишување и развојот на идеите, сѐ до монтажата и постпродукцијата, на младите луѓе ќе им ги откриваат тутори и туторки од целиот свет.

Со младите филмаџии и филмаџики ќе работат Андре Гил Мата од Португалија, Гиљермо Карерас-Канди од Шпанија, Јелена Максимовиќ од Србија, Каори Ода од Јапонија, Кумјана Новакова од Македонија/БиХ, Лудовика Фалес од Италија и Сунчица Фраделиќ од Хрватска.

Координатори на проектот се Елма Селман од БиХ, Ерол Билибани од Косово и Киријана А. Николовска од Македонија.

Основана во 2013 година, Школата на креативен документарен филм „АКТив“ е регионална иницијатива на водечките фестивали на креативен документарен филм на територијата на Балканот кои сакаат сопствените искуства и знаење да ги поделат со млади автори и авторки со изразен интерес за документарниот филм. „АКТив“ се одржува со поддршка од Националната фондација за демократија од Вашингтон, САД.