За приходите над 1.000 евра – 18% данок, Министерството за финансии ја почнува дебатата за прогресивно оданочување

Министерот за финансии Драган Тевдовски денеска најави дека од април започнува дебатата за воведување прогресивно оданочување. Првичниот предлог на Министерството е персоналниот данок на доход да остане 10 проценти за приходите до 1.000 евра, додека за секој приход над таа граница данокот да изнесува 18 проценти.

Според Тевдовски, приход од над илјада евра во Македонија остваруваат околу два отсто од граѓаните.

„Ова е првичниот предлог на Министерството за финансии што ќе биде ставен на јавна дебата. Предлогот е преточен и во предлог-законското решение кое ќе биде ставено на ЕНЕР за да можат граѓаните да го видат и да дадат свои предлози, сугестии и мислења, истакна Тевдовски на форумот „Македонската економија меѓу визија и дилема“.

Тевдовски на крајот на минатата година најави дека планот е прогресивното оданочување да биде воведено на почетокот на 2019 година, за да има доволно време за поширока дебата на ова прашање и изработката на законско решение.