За МОН е прифатливо трета година да се слуша и без положен државен испит

Охридскиот универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ предлага студентите кои не го положиле првиот дел од државниот испит  кој според предлогот на Владата ќе се полага по завршување на втората студиска година, да имаат право да ги слушаат предметите  во третата студиска година. Предлогот веќе го доставиле на разгледување  до Министерството за образование и наука, пренесува ТВ 24 вести.

„На овој начин ќе се обезбеди поголема флексибилност во студирањето и ќе се подобри текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование“, се вели во соопштението на Универзитетот потпишано од Ректорот Нинослав Марина.

Од Министерството за образование и наука информираат дека предлогот е прифатливо решение и ќе биде предмет на дополнителна анализа.

Претходно, Универзитетот на Југоисточна Европа (Штулов универзитет) предложи македонските универзитети да работат според студиски програми преземени од најдобро рангираните образовни институции во Европа и САД.

Овој предлог доби поддршка од ректорот на  Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ, Димитар Трајанов, кој смета дека високо образовните установи во земјава  треба да работат според студиски програми кои би биле дури 60 до 70 отсто компатибилни со странските програми.

И овој предлог е прифатлив за министерството бидејќи според нив ќе овозможи поквалитетно образование, универзитетите полесно ќе стигнат до потпишување на меѓународни договори со најдобрите универзитети во светот, како и подобро би се искористиле европските средства од програмите Еразмус и Хоризонт 2020.

Речиси сите останати универзитети побараа повлекување на законот и дебата, но власта не прифати со образложение дека професорите се против реформата бидејќи ќе мора да објавуваат повеќе научни трудови.

Законот веќе помина на прво читање во Собрание, а на 8-ми јануари (четврток) е закажано второто читање на седницата на Комисијата за образование, наука и спорт.