За „Европска зелена престолнина“ Скопје ќе биде оценувано во 12 области од животната средина

Европската комисија ја прифати кандидатурата на Град Скопје за „Европска зелена престолнина“ во 2021 година. Апликацијата од 150 страници, која била поднесена во октомври годинава, содржи вовед и опширни одговори на прашања за постојната состојба со животната средина во градот, минатите активности во оваа област и идните планови, соопштија од Градот. Се однесува на 12 индикатори (показатели), и тоа: ублажување на климатските промени, приспособување на климатските промени, одржлива урбана мобилност, одржлива употреба на земјиштето, природа и биодиверзитет, квалитет на воздух, бучава, отпад, води, зелена површина и еко-иновација, енергетски перформанси и управување.

„Параметрите по кои ќе не оценуваат се од 12 области од животната средина, при што се гледа појдовната позиција на градот пред една година кога јас ја преземав функцијата градоначалник, што е преземено во таа година и која е стратегијата на градот за подобрување на условите во средината и за развој. Признанието „Европска зелена престолнина“ не се однесува само на зеленилото, тоа е начин на функционирање на градот – алтернативниот превоз, енергетската ефикасност, транспортот и сите други мерки што ги преземаме за подобрување на животот на граѓаните. Во наредниот период ќе бидеме под засилен надзор, очекувам дека нашата стратегија за поздрава и почиста животна средина ќе наиде на позитивно мислење во Европската комисија. Самото прифаќање на нашата кандидатура е показател дека Скопје е на добар пат да ги надмине проблемите во кои живееме“, објаснува градоначалникот Шилегов.

Апликацијата ја составуваа следните експерти од областа на животната средина предводени од Менка Спировска. Во составувањето на апликацијата вклучени биле и стручни лица од секторите во Град Скопје, како и повеќе државни институции.

Во наредниот период Градот Скопје ќе биде предмет на евалуација од жири-комисија која ќе го вреднува напредокот на Скопје во сите области опфатени во апликацијата. Комисијата ќе престојува и во Скопје и на терен ќе ја согледа состојбата со животната средина и активностите за подобрување. Жирито ќе ја процени посветеноста на градовите апликанти на одржливоста на урбаниот развој, нивниот капацитет да бидат пример за другите градови и нивната стратегија за комуникација и ангажирање на нивните граѓани. Во април 2019 година ќе се направи потесен избор на градови кандидати за добивање на оваа награда.

Од Град Скопје уверуваат дека аплицирањето за оваа награда ќе придонесе да се забрзаат активностите за почиста и поздрава животна средина. Престижната награда „Европска зелена престолнина“ досега ја добија: Стокхолм 2010, Хамбург 2011, Виториа Гастејс 2012, Нант 2013, Копенхаген 2014, Бристол 2015, Љубљана 2016, Есен 2017, Најмеген 2018, Осло 2019 и Лисабон 2020.

За 2021 година, за наградата „Европска зелена престолнина“, покрај Скопје се натпреваруваат девет града:Будимпешта (Унгарија), Калјари (Италија), Дижон (Франција), Лахти (Финска), Лил (Франција), Скопје (Македонија), Стразбур (Франција), Тирана (Албанија) и Вестерос (Шведска).